„Граѓаните го видоа предавството во живо. Премиерот замина за Брисел само за да избега од прашањата и од дебатата. Откако побегна тој, побегнаа и неговите министри“, велат од СДСМ

Со обвинувања дека премиерот Христијан Мицкоски „побегнал“ во Брисел за да не одговара на опозициски пратенички прашања, пратеникот на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, денеска рече дека со тоа избегал и од дебата за резолуцијата со која јасно и недвосмислено се затвора прашањето за мигранти во Македонија.
„Граѓаните го видоа предавството во живо. Премиерот замина за Брисел само за да избега од прашањата и од дебатата. Откако побегна тој, побегнаа и неговите министри“,
изјави Димитријевиќ.
Како знак на протест против, како што рече, понижувањето на Собранието и граѓаните, пратениците на СДСМ ја напуштија вчерашната седница. Според Димитријевиќ, ВМРО-ДПМНЕ намерно го блокира процесот за да не се дозволи ниту разговор, ниту гласање за предложената резолуција.
Димитријевиќ рече дека СДСМ нема да биде соучесник во ова, како што рече, национално предавство, мигранти за пари.
СДСМ тврди дека планот на власта е да се спроведат избори, а веднаш потоа да се прифатат мигранти во државата во замена за финансиски средства.
„Нека си ја потпишат таа предавничка резолуција сами, нека си ја гласаат сами, заедно со колаборантите од ЗНАМ. Тие многу добро знаат што потпишуваат“,
додаде тој.
Од СДСМ порачуваат дека борбата продолжува и дека ќе ги искористат сите демократски механизми за да се спротивстават на овој план.
Пратениците на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) вчера ја напуштија собраниската седница на која на дневен ред, меѓу другите точки, беа и пратенички прашања на опозициските партии застапени во парламентот, како и резолуцијата на владејачкото мнозинство против нелегалната миграција.
Потегот уследи откако координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, упати критики до власта, посочувајќи дека е бесмислено пратениците од опозициите да поставуваат прашања кога во пленарната сала не се присутни одредени министри.
