Претходно денеска, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека се слушнал со лидерот на Движењето ЗНАМ и оти ја очекува неговата поддршка за Гордана Силјановска-Давкова во вториот круг од изборите за шеф на државата
Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски засега нема договор со поголемите партии, чии кандидати се тркаат во вториот круг од претседателските избори, во однос на поддршката за некој од нив. Во изјава за МИА, Димитриевски вели дека за гласовите добиени на негово име нема морално, ни етичко право да бара да се гласа за некого од кандидатите во вториот круг од претседателските избори.

„Имаше куртоазни честитки на тие кои добија најголема поддршка, од моја страна, и на професорката Давкова, па и на господинот Мицкоски. Нема договорено во овој момент ниту една коалиција. Како ќе одлучи партиското раководство на партијата, така и ќе постапиме“,
рече Димитриевски.
Барајќи ја поддршката од граѓаните во Струга за кандидатските листи на Движењето ЗНАМ, Димитриевски додаде дека тој лично ќе излезе и ќе гласа на вториот круг од претседателските избори.
Претходно денеска, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека се слушнал со Максим Димитриевски и оти ја очекува неговата и поддршката на Движењето ЗНАМ за нивната претседателска кандидатка Гордана Силјановска-Давкова во вториот круг од изборите за шеф на државата.