Кумановскиот градоначалник нагласува дека неговиот гест е личен и директно насочен, како што вели, кон популизмот и двојниот пристап на бугарскиот министер за одбрана
Три години откако Северна Македонија и Бугарија ја одбележаа заедно годишнината од битката кај Страцин, набрзо по потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу двете земји, кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски реши да го врати орденот што по тој повод му го врачил бугарскиот министер Красимир Каракачанов, кој во последните месеци посебно го подгрева револтот кај македонската јавност со своите настапи.
Заедничкото чествување на годишнината од битката кај Страцин во 1944 година, кога партизанските единици од НОБ, кумановската дивизија и бугарската армија водат борби со германските војски, се случува на 22 октомври 2017 година, односно само два дена откако Димитриевски ја презема градоначалничката функција, по победата во првиот круг на локалните избори што се одржаа на 15 октомври. По тој повод, во 2018 година, Каракачанов му врачил на Димитриевски орден „Стогодишнина од Првата светска војна“.
„Ако разговараме за помирување и смирување на односите, заедничко чествување на настани кои не обединуваат како народи недозволиво е во 21 век да има претставници во Влада на земја членка на ЕУ со изјави кои се со заканувачки и омаловажувачки карактер по националниот идентитет на соседите“,
напиша Димитриевски на фејсбук.
Понатаму, тој оценува дека оваа Влада покажа дека води политика на меѓусоседски односи кои промовираат европска политика, напредни сфаќања и просперитет.
Кумановскиот градоначалник, исто така, нагласува дека неговиот гест е личен и директно насочен, како што вели, кон популизмот и двојниот пристап на Каракачанов.
Наспроти најавите од Владата дека нема да испрати протестна нота до Бугарија поради настапите на Каракачанов, кој се закани неодамна дека ќе испрати инженериски полк во земјава за отстранување на спомениците на кои стои „бугарскиот фашистички окупатор“, Димитриевски пишува дека ќе го врати орденото заедно со протестно писмо до Каракачанов.
