Димитриевски рече дека се подготвени за победа в недела, нагласувајќи дека програмата на ЗНАМ е „создадена од граѓаните за граѓаните“

Кандидатот за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, и носителката на советничката листа, Ивана Ѓорѓиевска, од движењето ЗНАМ – За наша Македонија, на завршниот митинг во НУЦК „Трајко Прокопиев“ повикаа на масовна поддршка за да продолжат започнатите промени во градот.
Димитриевски рече дека се подготвени за победа в недела, нагласувајќи дека програмата на ЗНАМ е „создадена од граѓаните за граѓаните“.
„Никој повеќе никогаш нема да дозволам да ни каже дека ние сме пропаднат град и пропадната економија, туку сме град којшто отвора нови перспективи. Ќе ја раздвижиме економијата, ќе ја вративме гордоста на Куманово“,
истакна Димитриевски укажувајќи на веќе реализираните 800 проекти и развојот на зоната со инвестиции како германската „Лидл“ и други странски и домашни компании.
Димитриевски потенцира дека Куманово од најзадолжена општина станал „град со визија“.
Тој најави капитални проекти со кои ќе се задржат младите во градот и ќе се реши долгогодишниот проблем со урбанизмот.
Меѓу најавите се изградба на плоштад и нова административна зграда кај „Чоробенско ќоше“, враќање на сјајот на „Пионерски дом“, изградба на три нови градинки, воведување бесплатен превоз за сите граѓани, реконструкција на примарните улици, булевари, претворање на најстарите точки во градот – градската џамија, црквата „Свети Никола“ и новата црква – во урбани скверови и шеталишта.
Димитриевски посочи дека изминативе години се реконструирани 16 училишта и најави дореконструкција на останатите, истакнувајќи ја одличната соработка со сегашната влада во реализацијата на проектите.