Откако портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, денеска изјави дека партијата се оградува од изјавата на Максим Димитриевски дека владее режим и од неговото однесување, градоначалникот на Куманово смета дека станува збор за несреќна и избрзана изјава.
„Длабоко сум разочаран од изјавата на портпаролот на СДСМ и ја сметам за избрзана и несреќна. Покрај политичка носиме и институционално-општествена одговорност кон граѓаните и јавноста кои не избираат по предлог на партиите. Дебатата ќе ја водиме внатре во партијата. Сега е време за дејствување против епидемијата и помош на граѓаните“,
вели Димитриевски.
Тој уште еднаш порачува дека постапката ќе покаже дека нема основ за кривична одговорност кај него и нагласува дека за него е неразбирлива, како што вели, институционалната хајка против него и членовите на кризниот штаб.
„Не сакам ни да помислам дека некој во овие тешки моменти се поигрува со здравјето на моите сограѓани, води политика и креира црни сценарија за елиминација на неистомисленици. До тогаш останувам посветен на борбата против епидемијата и моите секојдневни обврски за доброто на сите граѓани. Уште еднаш ја повикувам директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и министерот за здравство да го достави извештајот на увид на мене, штабот и јавноста, сепак тоа не е таен документ“,
вели градоначалникот, кој на крајот од објавата порачува „Да живее Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“.
Димитриевски објави и дека се враќа на работа бидејќи денеска го добил резултатот од вториот контролен тест кој бил негативен, откако пред околу две недели објави дека е заразен со ковид-19.

*Поврзани вести:
СДСМ се оградува од изјавите и однесувањето на кумановскиот градоначалник