Димитриевски денеска оцени дека претседателските кандидати од помалите партии и другите субјекти се речиси невидливи за јавноста, а кампањата не е еднаква за сите

Лидерот и кандидат за претседател на државата на Движењето за наша Македонија (ЗНАМ), Максим Димитриевски, чиј изборен карван денеска беше кај Зелен пазар во Скопје, ги повика своите противкандидати на телевизиска дебата на која сите ќе можат да ги кажат своите планови и програми.
Според Димитриевски, граѓаните не заслужуваат, како што рече, ваква нетранспарентна, селективна и целна кампања како што има во моментов.
Тој вели дека е недозволиво претседателските кандидати кои се најфаворизирани и од страна на државата и од Државната изборна комисија, согласно законот којшто го имплементира и претставени во сите средства за јавно информирање, да бегаат од јавна дебата.
„Сакам да упатам апел до сите мои противкандидати, првенствено до двајцата најфаворизирани од македонскиот и двајцата најфаворизирани од албанскиот политички блок, да не бегаат од дебата, да им дадат можност на граѓаните да ги слушнат плановите и визиите на сите нас, да кажеме што планираме да работиме од позиција на шеф на државата ако бидеме избрани“,
рече Димитриевски.
Димитриевски оцени дека претседателските кандидати од помалите партии и другите субјекти се речиси невидливи за јавноста, а кампањата не е еднаква за сите.
„Имам чувство дека оваа наменска кампања се води единствено за два кандидата кои се фаворизираат по секоја основа и добро е за демократијата и за Македонија во целост, граѓаните да добијат можност да не видат и да не слушнат сите во исти услови, зашто целата кампања не е еднаква за сите. Ние, како претставници на граѓаните со граѓанска иницијатива или претставници на мали политички субјекти, сме незабележителни во делот на информиорањето, додека останатите кандидати се секојдневно присутни на сите медиуми во закупениот медиумски простор што го налага законот. Значи не сме еднакви“,
додаде Димитриевски.
Претседателскиот кандидат на Движењето ЗНАМ побара од противкандидатите Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова да излезат и да ги соочат аргументите.
„Барам од мојот противкандидат Стево Пендаровски да излезе на телевизиски дуел со мене и да ги соочи своите факти и аргументи. Исто така, барам и Гордана Силјановска-Давкова да ги соочи аргументите со мене и со останатите противкандидати. Во спротивно, ќе сметам дека истите бегаат од јавна дебата зашто немаат што да им понудат на граѓаните. Во оваа држава, покрај партиските членства, живеат и други граѓани и имаат право да слушнат што идниот претседател планира да изреализира од позицијата што ќе ја добие од граѓаните“,
рече Димитриевски.