Лидерот на ЗНАМ вели дека Филипче не може да биде човек што ќе ја претставува социјалдемократија бидејќи „ниту знае со колкав имот располага ниту може самиот да си ги преброи становите“

Лидерот на движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, денеска му возврати на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој синоќа од Прилеп го нарече Димитриевски – пион на Мицкоски, предавник на социјалдеморкатската идеја и подизведувач на ВМРО-ДПМНЕ.
Димитриевски го нарекува Филипче „првиот соработник на министерот за смрт во владата на Груевски“, кој од позиција на самопрогласен лидер на СДСМ обвинува за соработка.
„Човек кој во себе нема никакви социјалдемократски вредности бидејќи времето го поминува во луксуз, раскош на јахти и во скапи автомобили“,
вели Димитриевски.
Лидерот на ЗНАМ вели дека Филипче не може да биде човек што ќе ја претставува социјалдемократија бидејќи ниту знае со колкав имот располага ниту може самиот да си ги преброи становите“.
„Една некогаш државотворна партија каква што беше СДСМ денес се сведува под 100 илјади гласа и неа секојдневно ја напуштаат сите нејзини вистински членови и се придружуваат на ЗНАМ бидејќи препознаваат дека нашето движење е политичка партија која се создаде од обичните луѓе и ги држи крушевските и асномските идеали“,
рече Димитриевски.
Лидерот на ЗНАМ, исто така, побара објаснување за времето кое Филипче го поминува во Дубаи.
„Ќе треба да даде објаснување за многу отворени прашања. На пример, како се добива златна виза и дополнително за сите инвестиции со кои средства се прават и пласираат таму. Бидејќи за да добиеш таква виза првенствено треба да бидеш инвеститор. Како тоа еден човек, во овој случај со докторска плата, поседува толкав имот“,
праша Димитриевски.
Димитриевски и денеска го предизвика Венко Филипче на ТВ-дуел со цел „пред лицето на јавноста да ги соочат аргументите и фактите“.
„Јас и денеска ќе повторам. Нека избере и време и место, нека избере новинари, дури и оние апологети што му се на платен список и нека се одважи да дојде на ТВ-дуел. Ете, Венко, одважи се и излези да се соочиме, верувам дека ќе смогнеш храброст, јас ќе дојдам сам“,
кажа Димитриевски.
Инаку, синоќа Филипче од митинг во Прилеп рече дека со предавници на социјалдемократската идеја и подизведувачи на ВМРО-ДПМНЕ не дебатира откако претходно неговиот поранешен сопартиец, Максим Димитриевски, го повика на ТВ-дуел.
Во обраќањето пред прилепчани претседателот на СДСМ обвини дека откако се на власт лидерот на ЗНАМ и неговите блиски соработници заборавиле што ветиле пред изборите, а по сите афери, како што рече, Димитриевски треба да се подготвува единствено за дуел со правдата.
Вчера Димитриевски го обвини раководството на СДСМ и лидерот Венко Филипче дека се закануваат на членови и поддржувачи на неговата партија упатувајќи им предупредувања, притисоци и повици за разговори. Рече дека пред една недела го повикал лидерот на СДСМ на ТВ-дуел, на кој Филипче не се одзвал, а сега одново го повика на дуел за соочување на аргументите пред народот.