На прашањето каде што ќе се кратат средства, Димитриеска-Кочоска одговори дека сè уште траат преговорите со министерствата и дека не може да даде конкретни детали во моментов

Министерството за финансии интензивно работи на ребаланс на државниот буџет, а преговорите со останатите министерства започнаа пред два дена, информираше денеска министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа очекува посериозни бројки за ребалансот да бидат достапни за околу две недели, а самиот ребаланс треба да влезе во собраниска процедура најдоцна до 25 јуни.
На прашањето каде ќе се кратат средства, Димитриеска-Кочоска одговори дека сè уште траат преговорите со министерствата и дека не може да даде конкретни детали во моментов.
Во однос на проекциите на буџетот, министерката беше децидна: „Нагоре нема да одиме“.
Министерката за финансии се осврна и на проблемите со инфлацијата и растот на просечната плата, оценувајќи ги како комплексни и за кои е потребно повеќе време за да се решат.
„Работиме во континуитет, не сме застанале во тој дел“,
истакна Димитриеска-Кочоска.
Таа нагласи дека еден од приоритетите на Народната банка е инфлацијата, а оти два клучни фактори влијаат на оваа состојба. Првиот се колективните договори на различни институции, кои, иако се преземени обврски од претходно, бараат континуирани преговори. Вториот, и за неа позагрижувачки, е очекуваниот натамошен раст на просечната плата поради недостигот на работна сила во приватниот сектор.
„Сега се трудиме нешто да направиме во тој дел со преквалификации, одредени промени на закони, но треба време да се направат анализи“,
рече Димитриеска-Кочоска.
Министерката потенцираше дека фискалната и монетарната политика мора да бидат усогласени. Таа информираше дека утрово се одржал првиот состанок со гувернерот на Народната банка, на кој било договорено да имаат почести состаноци со цел координирана заедничка политика.
Во однос на финалната потрошувачка, Димитриеска-Кочоска појасни дека растот на платите од 10 отсто автоматски значи и раст на финалната потрошувачка.
„Луѓето добиваат повисоки плати, повисоки пензии и финалната потрошувачка расте. Тука воопшто немаме никаква дилема“,
изјави таа.
За инфлацијата, министерката наведе дека ќе се следи развојот на состојбите, ќе се координира со монетарната политика и ќе се реагира соодветно на претстојните предизвици.