Анализите за буџетскит процент што треба да биде издвоен за судството, како што рече министерката за финансии, се прават врз основа на практиките во европските земји
Откако премиерот Христијан Мицкоски најави дека до крајот на годината ќе има решение со кое со одреден процент ќе се постигне фискална независност на судството, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека сè уште се анализира колкав ќе биде издвоениот буџетски процент. Анализите, како што рече во интервју за ТВ Сител, се прават врз основа на практиките во европските земји.

„Во моментов правиме анализи со цел да видиме како е во европските земји, бидејќи за некој процент што се зборуваше, е многу повисик во однос на тоа што значи процент издвоен за судство во европските земји“,
изјави Димитриеска-Кочоска.
Таа направи споредба со буџетите на судството во изминатите години, како и средствата што тие ги бараат.
„Буџетот на судството во 2025 година бил 2,85 милијарди денари, па потоа со ребалансот бил 2,74 милијарди денари, за следнава година се на исто ниво како лани, а притоа морам да напоменам дека барале 5,22 милијарди денари. Значи од 2,7 милијарди барале 5,22 милијарди денари. Притоа, кога се спрема буџетскиот циркулар, согласно Законот за буџети, секој буџетски корисник од Минстерството за финансии добива лимит во рамки на кој треба да си ги планира своите расходи. Лимитот им бил 2,99 милијарди денари. Она што е многу поважно за мене, во однос на платите, платите за 2023 година биле 1,99 милијарди денари, платите во 2025 година се 2,33 милијарди денари, а платите кои ги побарале во тој буџетски циркулар за плати побарале 3,75 милијарди денари. Значи од 2,3 побарале скоро 1,4 милијарди денари повеќе во услови кога имаме фискална консолидација, кога некогаш се трошело многу повеќе отколку што требало или било дозволено, а ние сега треба државата да ја вратиме во нормала што значи следната година треба да постигнеме три проценти буџетски дефицит“,
додаде министерката за финансии.
Рече дека отприлика е познат процентот што ќе биде издвоен за судството, меѓутоа уште еднаш мора да биде потврден изворот на тие средства.
„Бидејќи не е само да кажаме 0,3, 0,4 или 0,8 проценти, туку мора да знаеме од што. Многу често низ годините во Македонија се случувало да кажат дека ќе дадат одреден процент од вкупните приходи. Како може да кажете дека ќе дадете процент од вкупните приходи кога придонесите се дел од вкупните приходи, но тие не се изворни приходи на Буџетот. Како наплатуваме придонеси така одат во ФЗО и во пензискиот фонд. Не може на судството и на обвинителството да им се даде од тој износ којшто не е изворен приход на Буџетот“,
додаде Димитриеска-Кочоска.
