Недостигот на доверба е причината зошто Светската банка предвидува помал раст на македонската економија од она што го предвидуваме ние, а со посветена работа ќе покажеме дека сме во право со нашите проекции, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

На прашањето која е главната причина за тоа што Владата предвидува раст на БДП од 3,7 отсто за годинава, додека Светска банка проектира 2,6 отсто, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели:
„Ајде да се вратиме години наназад, да видиме дека секогаш е така. Меѓутоа, ние им докажуваме дека сме во право. Минатата година, да не заборавиме, истата Светска банка имаше проекција за раст од 1,6 отсто, па знаеме со колку завршивме. Сакам да кажам дека, едноставно, треба уште време за да се врати довербата кај овие институции“.
На забелешката дека премиерот Мицкоски и министерот Николоски имаат уште пооптимистички проекции за раст од над 4 отсто годинава, министерката коментира:
„Ве молам, да се држиме до 3,7 проценти. Сметам дека математиките коишто сме ги направиле се прецизни. Врз основа на она што го имаме како податоци од реализацијата на капиталните инвестиции, од она како се одвиваат работите, со кредитите преку Развојна банка, оној познатиот унгарски кредит за приватниот сектор…“
Министерката е уверена дека и во 2025 година Владата ќе ја потврди својата економска прогноза.