Одговарајќи на прашањето колкав дополнителен притисок ќе направи оваа обврска врз буџетот Димитриеска-Кочоска во вечерашното интервју за „Вин вин“ на ТВ Телма сподели дека министерот за одбрана Владо Мисајловски пред да замине на Самитот на НАТО во Хаг ѝ се јавил на телефон за да поразговараат на оваа тема
Доброто, како што додаде таа, е што ќе има период на прилагодување од неколку години во кој, според неа, ќе треба да се направат посериозни реструктуирања на буџетот
Издвојувањето пет проценти од бруто-домашниот производ (БДП) за одбраната ќе биде голем предизвик, но ние сме земја членка на НАТО и имаме обврски кои мораме да ги испорачаме, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Обврската што земјите членки на НАТО ја договорија на Самитот во Хаг дека до 2035 секоја од нив ќе треба да издвојува до пет проценти од својот БДП за одбраната беше првата тема за која министерката беше прашана во вечерашното интервју за емисијата „Вин вин“ на ТВ Телма.
Одговарајќи на прашањето колкав дополнителен притисок ќе направи оваа обврска врз буџетот Димитриеска-Кочоска сподели дека министерот за одбрана Владо Мисајловски пред да замине на Самитот во Хаг ѝ се јавил на телефон за да поразговараат на оваа тема.
„Дефинитивно еден од најголемите предизвици во периодот што следи покрај онаа економска неизвесност и се што случува, како економисти тоа првин не загрижува кога има економска неизвесност тоа е најголемиот притисок. Сега дополнително на тоа го имаме моментот со зголемување на трошоците во делот на одбраната до пет проценти од Бруто-домашниот производ до 2035 година. Морам да бидам искрена дека министерот за одбрана пред да замине на Самитот се јави на телефон и поразговаравме околу оваа тема. Но тоа е што е, ние сме земја членка на НАТО и ние ќе мора да ги испорачаме тие обврски“,
кажа министерката за финансии.
Доброто, како што додаде таа, е што ќе има период на прилагодување од неколку години во кој, според неа, ќе треба да се направат посериозни реструктуирања на буџетот.
„Доброто е што нема да биде она што се вели од утре, туку остануваат неколку години за прилагодување. Години во коишто ќе треба навистина да направиме посериозни реструктуирања во рамки на буџетот, а и на целокупната економија доколку сакаме да испорачаме повисок економски раст и во исто време да ослободиме средства во буџетот коишто ќе бидат наменети за одбраната. Но секако огромен предизвик е, тоа е неспорно“,
рече таа.
На оваа тема, како што изјави, таа разговарала и својот црногорски колега за време на нејзиниот неодамнешен престој таму, посочувајќи дека и тие се соочуваат со иститите предизвици.
„Генерално секаде е исто чувството дека голема е неизвесноста и дека ќе прави притисок на буџетот, но повторно ќе кажам ние сме земја членка на НАТО и уште од моментот кога сме станале земја членка на НАТО сме биле свесни дека ќе треба да преземеме одредени обврски и тоа треба да си го испорачаме“,
повтори министерката за финансии.

Сите 32 членки на НАТО на Самитот што завчера и вчера се одржа во Хаг се согласија на историски чекор и се обврзаа да ги зголемат трошоците за одбрана и безбедност на пет отсто од бруто-домашниот производ (БДП) до 2035 година.
Во документот што го усвоија се предвидува и дека земјите членки ќе поднесуваат годишни планови за исполнување на целта, со кредибилен и прогресивен пат кон постигнување на договореното ниво на инвестиции.
Според договореното, од средствата во висина од пет отсто од БДП, најмалку 3,5 отсто годишно ќе бидат наменети за расходи за одбрана на НАТО, за потребите за основни одбранбени ресурси и за исполнување на целите за способностите на Алијансата.
Преостанатите 1,5 отсто од БДП годишно ќе бидат наменети за заштита на критичната инфраструктура, обезбедување на граѓанска подготвеност и отпорност, иновации и за зајакнување на одбранбената индустриска база.
Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шеќеринска во интервју за „360 степени“ емитувано вечерва на прашањето како зголемувањето на трошењето во одбраната ќе влијае на земјите членки кои немаат големи буџети, како што е С Македонија, вели дека товарот сите подеднакво ќе го чувствуваат бидејќи целта е амбициозна не само за малите туку и за големите економии.
„Логиката на Алијанса што е пофер значи дека секој треба да придонесува соодветно на својата големина како држава и својата големина како економија. Никој не бара едни држави да седат во место, а другите да прават чудо… И тука, и големите ќе имаат амбициозна цел оти 3,5% од голема економија е многу повеќе, кога ќе чуете колкави милијарди треба тие да даваат, ќе ви стане јасно дека товарот сите подеднакво ќе го чувствуваат“,
вели заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска.