Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, одговара на прашања за нејзиното учество на претстојните избори, исходот од нив и евентуалната функција ако ВМРО-ДПМНЕ е дел од идната влада

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, добро ги познава моите квалитети и стручност и најдобро знае каде можам да одговорам со мојот ангажман, вели потпретседателката на опозициската партија Гордана Димитриеска-Кочоска како одговор на прашањето – зошто, иако е потпретседателка, нема да биде носителка на пратеничка листа на претстојните парламентарни избори.
„Јас, покрај тоа што сум потпретседател на партијата и, на некој начин, одговорна за финансискиот дел, да не заборавиме дека уште од назначувањето за претседател на партијата на проф. д-р Христијан Мицкоски, бев претседател на комисијата за надзор на материјалното и финансиското работење и тоа, впрочем, е договорот што го постигнавме ние двајца уште во 2017 година кога беше неговиот избор. Како резултат на тоа, мојата приоритетна цел и задача тука е надзор на материјалното и финансиското работење на партијата“,
рече Димитриеска-Кочоска, дополнувајќи дека за неа е логично да биде повеќе присутна во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и да ги следи финансиите во текот на изборите.
Со Мицкоски вели дека се знаат од времето кога тој станал претседател на Надзорниот одбор на некогашната ЕЛЕМ, а таа била директор за финансии и член на Управниот одбор.
На прашањето – дали воопшто ќе биде кандидатка на пратеничка листа, таа одговара:
„Повторно оставам на претседателот, ќе процени и ќе оцени каде најмногу можам да дадам свој придонес, како ќе одлучи тој, така и ќе биде. Претседателот, пак ќе кажам, врз основа на тоа што ќе заклучи каде можам најмногу да придонесам, таму ќе бидам. Бидејќи тој најмногу ги знае моите квалитети и способности и таму каде што сум најпотребна, секогаш таму ме ангажира“.
Прашана за тоа дали доколку ВМРО-ДПМНЕ формира влада по изборите на 8 мај, таа се гледа себеси како министерка за финансии, Димитриеска-Кочоска вели – ќе одлучи Мицкоски.

„Сите што ме познаваат, знаат дека сум човек што воопшто себеси не се гледа на никаква позиција туку дека се гледа точно во областа на финансиите, а каде ќе одлучи претседателот, каде што ќе смета дека најмногу можам да придонесам. Важно е дека јас треба чесно да работам како што сум работела и досега и со своите квалитети и знаења да придонесам максимално за да може навистина да имаме многу подобра економска состојба и граѓаните да добијат подостоинствен живот“,
изјави потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа вели дека очекува убедлива победа со 61 пратеник на изборите, а иако ниту една анкета досега не ги дава овие прогнози, Димитриеска-Кочоска е убедена оти неопределените ќе ја дадат поддршката на партијата од којашто доаѓа.
„За мене убедлива победа е 61 пратеник и воопшто немам дилема дека ние ќе добиеме 61 пратеник и дека ќе ја добиеме комплетната доверба од граѓаните. Во исто време тоа е и загрижувачко за луѓе кои се одговорни бидејќи одговорноста на тој начин е огромна, но ние сме подготвени, знаеме што правиме и знаеме дека за довербата којашто ќе ни ја дадат граѓаните, ќе вратиме соодветно, со многу посветена работа и чесност“,
вели таа.
Сепак, и да освојат помалку од 61 пратеник, смета дека ќе формираат влада.
Димитриеска-Кочоска беше прашана и за учеството на жените во раководните структури на партијата и на претстојните избори. Таа смета дека во ВМРО-ДПМНЕ сите се рамноправни, иако за наредните избори потврдена е само една носителка и тоа во Изборната единица 6 – Дафина Стојаноска.
„Воопшто немам дилема дека ВМРО-ДПМНЕ се грижи за жените и тука имаме комплетна рамноправност и тоа што сега во овој момент претседателот сметал дека така е најсоодветно и дека секој од нас ќе си даде придонес во својот дел. Да се вратиме во 2020 година кога беше техничката влада. Тогаш имавме три жени и двајца мажи. Значи, кај нас во зависност од тоа колкав придонес може да даде секој поединечен лик, нели и она што најдобро го работи, така се носат и одлуките. Во овој момент, жените биле потребни во други области и можеби поради тоа се донело одлука дека ќе одиме со ваква листа во којашто на една изборна единица ќе имаме жена, а во сите останати ќе бидат мажи. Притоа не знаеме се уште во ИЕ 5 што ќе биде, може тоа да го оставиме на крај да видиме каква ќе биде ситуацијата и таму“,
изјави потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто за „360 степени“.
Парламентарните избори се закажани за 8 мај заедно со вториот круг од претседателските избори.
