Таа очекува дека преку мерките за фискална консолидација, поголема контрола на расходната страна и продолжување на позитивните економски резултати, јавниот долг ќе се намали под 60 проценти од БДП порано од предвидената 2028 година како што е предвидено со Стратегијата за управување со јавен долг

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, го оцени Буџетот за 2026 година како реален и развоен, истакнувајќи дека секоја ставка е внимателно проектирана. Во вчерашното гостување во Дневникот на МРТ, таа посочи дека проекциите се во согласност со определбата за фискална консолидација.
Според министерката, растот на бруто домашниот производ (БДП) е проектиран на 3,8 проценти, додека буџетскиот дефицит е поставен на 3,5 отсто од БДП и тоа е, како што рече, во рамки на фискална консолидација.
Министерката Димитриеска-Кочоска нагласи дека при изработката на буџетот, Министерството успеало да постигне максимум во проектирањето на поединечни буџети на институциите, земајќи ги предвид развојниот аспект, фискалната консолидација, обврските на институциите и приоритетите на Владата.
Таа очекува дека преку мерките за фискална консолидација, поголема контрола на расходната страна и продолжување на позитивните економски резултати, јавниот долг ќе се намали под 60 проценти од БДП порано од предвидената 2028 година како што е предвидено со Стратегијата за управување со јавен долг.
Во однос на задолжувањето, Димитриеска-Кочоска појасни дека во наредната година ќе се обезбедат средства од домашен и меѓународен пазар за враќање на обврски создадени од претходната Влада, вклучувајќи ја и Еврообврзницата издадена во 2020 година. Ново задолжување ќе биде потребно само за финансирање на буџетскиот дефицит.
Министерката, исто така, потврди дека во Буџетот за 2026 година се предвидени средства за раст на платите и пензиите согласно законските решенија, вклучувајќи и раст на минималната плата.
Таа најави дека Министерството за финансии веќе работи на објавување на нова емисија на Граѓанска обврзница која се очекува да биде достапна наскоро.
Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска четврт ден ќе расправа по амандманите за предлог-буџетот за 2026 година.
Вчера беа разгледани и не добија поддршка амандмани поднесени од опозицијата, со кои меѓу другото се бараше дополнителни средства за зголемување на платите за 30 проценти во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и во конзуларно-дипломатските претставништва, пари за формирање на единствен национален информатички систем за повреди при работа, за субвенции за мали и средни претпријатијата кои спроведуваат циркуларна економија, за формирање на одделение за климатски промени, за субвенции за фирми кои инвестираат во алтернативни извори на енергија и во енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и дигитална трансформација, како и за изработка на студија за валоризација на планините Огражден и Кожуф.
За Предлог-буџетот се поднесени околу 200 амандмани.
Инаку, во Буџетот за 2026 година вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари, а вкупните расходи на 413,9 милијарди денари. Капиталните инвестиции се 40,5 милијарди денари или околу 650 милиони евра.
Пленарната седница на која ќе се разгледува Предлог-буџетот за 2026 година, според најавите, е планирано да се одржи на 9 декември.
