Според министерката за финансии, државата на краток рок може да ги замрзнува цените или маржите, но, како што додаде, потребни се поголеми реформи во областа на производство на храна, како и во начинот на субвенционирање на земјоделството
Во врска со евентуално зголемување на минималната плата, министерката рече дека разговорите се водат во рамки на Социоекономскиот совет, каде што, како што нагласи, одлуката треба да произлезе од договор меѓу работодавачите и синдикатите
Нема магично стапче за решавање на проблемот со инфлацијата, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, според која за справување со ова прашање се потребни коренити реформи, а не решенија на краток рок.

Говорејќи на темата, таа во вечерашното гостување во централниот Дневник на ТВ Сител, рече дека инфлацијата не ја погодува само земјава, туку е проблем во цела Европа.
Според неа, таа е резултата на пост-ковид пандемијата, но и на недостигот на работна сила со која се соочува секоја земја членка на Европската Унија (ЕУ).
Сепак, како што наведе таа, инфлацијата не го „подјадува“ животниот стандард на граѓаните, бидејќи растот на платите е поголем од растот на цените.
„Ние во Македонија имаме раст на просечната плата за една година од 10,1 процент, а инфлацијата во последниот месец е 4,8 проценти, што значи животниот стандард не е подјаден, напротив имаме поголем раст на платите, отколку што е растот на инфлацијата“,
рече министерката.
Во однос на мерките што можат да се преземат за намалување на притисокот од инфлацијата, Димитриеска-Кочоска кажа дека државата на краток рок може да ги замрзнува цените или маржите, но, како што додаде, потребни се поголеми реформи во областа на производство на храна, како и во начинот на субвенционирање на земјоделството.
Главниот проблем таа го лоцира во растот на цените на зеленчукот и овошјето , што дел се должи на временските прилики, а дел и на недоволното производство што го имаме како држава на овие производи.
„Имавме таква пролет каква што имавме и немаме доволно производство. Ни требаат повеќе инвестиции во делот на земјоделството коишто ќе го заштитат производсвото од ран мраз, суша, град итн. Има такви инвестиции кои што се познати во соседните земји, треба само да пристапиме кон тоа, но тоа не дава резултати преку ноќ. Во исто време, треба да поддржуваме отворање на нови производствени капацитети, бидејќи инфлацијата ние најмногу таму ја чувствуваме, како и во угостителството, кое што од друга страна се поврзува со растот на просечната плата, а тоа е нешто што ќе трае поради недостигот на квалификувана работна сила која што ќе прави притисок понатаму на инфлацијата“,
рече Димитриеска – Кочоска.
Владата, додаде таа, подготвува одредени мерки и најави дека наскоро ќе излезе со конкренти предлози, но, како што рече, повторно станува збор за краткорочни решенија. Во таа насока, таа посочи дека на државата ѝ треба решение кое што би било подолгорочно.
Прашана дали се можни олеснувања преку ДДВ-то на основните прехранбени производи или останати продукти со кои што би можело да им се помогне на најранливите категории на граѓани во државата, министерката рече дека Владата ги анализира таквите состојби, но, сепак, наведе, дека базичната инфлација е онаа која што ги прави притисоците.
„Треба да се направат анализите каде сѐ имаме најголеми придвижувања на инфлацијата, а потоа да носиме одлуки дали и колку ќе треба да се коригира ДДВ-то“,
кажа министерката.
Во врска со евентуално зголемување на минималната плата, министерката рече дека разговорите се водат во рамки на Социоекономскиот совет, каде што, како што нагласи, одлуката треба да произлезе од договор меѓу работодавачите и синдикатите.
„Таму двете страни треба да се договорат, бидејќи едните треба да плаќаат, другите да примаат пари. Ние оставаме работодавачите и работниците сами да се договорат. Колку се договорат тие, ние толку ќе прифатиме како процент, апсолутен износ“,
изјави министерката, додавајќи дека евентуалното зголемување на минималната плата би резултирало со повисоки приходи во државниот буџет.

Одговарајќи на прашање во однос на реконструкцијата на железничката пруга Скопје–Кичево, Димитриеска-Кочоска информира дека е премногу рано да се зборува за финансиската конструкција, бидејќи се чека завршување на физибилити студијата, која е во надлежност на Министерството за транспорт.
За постапката за враќање на средствата на компаниите кои го платија солидарниот данок, одлука што беше укината од Уставниот суд, министерката посочи дека процесот е во тек.
„Компаниите веќе праќаат кон нас дописи со кои не информираат. Мислам дека до 10 септември треба да ги прибереме сите понуди, потоа ќе ја информираме Владата и понатаму ќе си почне постапката“,
рече Димитриеска-Кочоска.
Претходно, таа се осврна на Меморандумот за соработка на Македонија со седум земји членки на Европската Унија потпишан во Хравтска, наведувајќи дека се работи за најголемиот исчекор направен од страна на Министерството за финансии којшто се однесува на приватниот сектор.
„Суштината на овој меморандум за соработка е да се формира една берза на која што ќе може да се тргува и со новоиздадени хартии од вредност, не значи тоа да бидат само акции туку да бидат и обврзници. Ова е голема можност за македонските компании кои што имаат потреба од финансиски средства, а притоа многу потешко можат да ги убедат банките за поддршка. Ова е одлична можност за македонските компании да можат да издаваат било да станува збор за обврзници или акции. Во исто време го прошируваме пазарот, така што наместо само македонските граѓани да можат да ги купуваат овие хартии од вредност, ќе можат и граѓаните на седумте земји членки“,
рече министерката, додавајќи дека меморандумот нуди можност за создавање подинамичен пазар на капитал.