Иако во последните десетина дена македонските власти постојано го спомнуваат акцискиот план за спроведување на Договорот за добрососедство, што е испратен како предлог до Бугарија, БГНЕС јави вечерва дека „Бугарија предложи акциски план за соработка со РС Македонија“, кој би бил потпишан на претстојниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија
Бугарија предложи акциски план за соработка со Република Северна Македонија во спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, објави вечерва софиската агенција БГНЕС, информирајќи за средбата на шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева со специјалниот претставник на македонската Влада Владо Бучковски.
Овој документ, како што објави БГНЕС, се однесува на сите ресорни министерства и се очекува да биде потпишан на претстојниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија (согласно со член 12 од Договорот).
За време на состанокот на Захариева со Бучковски, кој е во работна посета на Бугарија биле разменети идеи за продолжување на процесот за враќање на довербата меѓу двете земји, јави БГНЕС повикувајќи се на информации од прес-центарот на бугарското МНР.
Исто така, се посочува дека е направен преглед на спроведувањето на голем број практични обврски за кои Софија забележала дека доцнат.
Претходно, од македонското МНР, во соопштението за посетата на Бучковски на Софија, нагласија дека, „при крајот на годината е доставен акциски план за имплементација на Договорот за пријателство од 2017 година, за што, во разговор меѓу министрите за надворешни работи Бујар Османи и Екатерина Захариева, беше договорено да бидат разменети забелешки, мислења и соодветни предлози“.
„Низ текот на редовната комуникација меѓу двете страни има континуирана размена на мислења и на идеи, двете страни често споделуваат свои предлози и видувања во кои ги посочуваат и објаснуваат нивните позиции. Последен од низата е акцискиот план за спроведување на обврските од Договорот за пријателство од 2017 страна, кој е предлог од наша страна, a за кој очекуваме овие денови да добиеме одговор и/или предлог забелешки и предлози од страна на Република Бугарија“,
посочија од македонското МНР.
Завчера, од нашето МНР, ист така, соопштија дека улогата на специјалниот претставник Бучковски е редовно да патува за Бугарија со цел следење на Акциониот план и поттикнување на соработката на линиските министерства.
И премиерот Зоран Заев, во првото интервју оваа година зборуваше за акцискиот план за спроведување на Договорот меѓу Скопје и Софија како обврска што може да се реализира во наредните два до три месеци, додека трае предизборието во Бугарија.