Гласањето за избор на советници во општините ќе се повтори само на три избирачки места во Шуто Оризари каде што Управниот суд ги поништи резултатите поради нерегуларности
Во 33 општини во државата на 2 ноември ќе се одржи втор круг од изборите за градоначалник, објави Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница на која беа презентирани конечните резултати од изборите.

Гласањето за избор на советници во општините ќе се повтори само на три избирачки места во Шуто Оризари каде што Управниот суд ги поништи резултатите поради утврдени нерегуларности. Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, информира дека по направената симулација, теоретски е утврдено дека е можно бројот на запишаните гласачи во овие три избирачки места да влијае на распределбата на мандатите во Советот на Шуто Оризари.
Втор круг од гласањето за избор на градоначалник ќе има во Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Чешиново Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари и во Градот Скопје.
Во четирите општини каде што не беше постигнат цензус од минимум една третина излезеност на гласачите – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово – ќе се повтори изборната постапка за избор на градоначалник која ќе започне по завршувањето на вториот круг, односно по објавувањето на конечните резултати од изборите.
