Собирањето потписи ќе се одвива секој работен ден во редовното работно време, од 8:30 до 16:30 часот. Краен рок е 30 ноември на полноќ

Денеска започна постапката за собирање потписи за независни кандидати за градоначалници во четирите општини каде што не беше постигнат цензус на последните локални избори, соопшти Државната изборна комисија (ДИК). Станува збор за општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа.
Постапката за поддршка на независните кандидатури ќе се одвива пред службените лица на надлежните подрачни одделенија и канцеларии на ДИК, како и пред надлежен нотар.
Собирањето потписи ќе се одвива секој работен ден во редовното работно време, од 8:30 до 16:30 часот.
Краен рок за собирањето на потписи е 30 ноември на полноќ.
Од ДИК велат дека нивното подрачно одделение во Гостивар е задолжено за собирање потписи за градоначалник на општините Гостивар, Маврово и Ростуше и Врапчиште.
Канцеларијата на ДИК во Дебар е надлежна за општината Центар Жупа.
Повторените избори за градоначалници во овие четири општини се одржуваат бидејќи на локалните избори на 19 октомври не беше постигнат законскиот цензус, поради што не беа избрани градоначалници.
Во Гостивар одзивот беше 33,31 отсто, во Врапчиште – 25,18 отсто, во Маврово и Ростуше – 30,31 отсто и во Центар Жупа – 21,49 отсто.
Според изборниот законик, за изборите да бидат успешни, треба да излезат најмалку една третина од гласачите или 33,33 отсто.
Повторените избори се закажани за 11 јануари 2026 година.
Актуелниот вршител на должноста градоначалник на Општина Гостивар и кандидат од последните локални избори, Ваљбон Лимани, потврди дека повторно ќе влезе во трката за градоначалничката функција.
На претходното гласање, Лимани беше кандидат на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ). Тој освои 61,39 отсто, односно 16 949 гласови.
