Според досегашните податоци, над 80 отсто од гласовите во Штип освои кандидатот Сашко Николов, додека во Пласница победи Алија Јахоски со освоени речиси 86 отсто од гласовите
Државната изборна комисија досега обработи 52 гласачки места од вкупно 81 во Штип.
Од вкупно 41 777 запишани гласачи во Штип, обработени се околу 51,71 отсто. Од обработените гласачи на овие 52 гласачки места, своето право на глас го оствариле 7 430.

Според податоците од ДИК, 80,41 отсто или 5 898 гласа отишле за кандидатот на СДСМ, Сашко Николов, а втор е кандидатот на Интегра, Симон Поликарп – Џими со 625 гласа или 8,51 отсто.
Во трката за градоначалник на Штип засега трет е независниот кандидат Трајче Митев со 158 глас или 2,15 отсто од обработените гласови. Со 129 гласа е Лазар Наумов, музичар од партијата ТМРО и нешто помалку или 120 гласа има Гоце Анѓелов од новата коалиција „Иднината во наши раце“, составена од партиите Демократи и Македонска обединителна реформска организација-Работничка партија.
Во електронскиот внес на Државната изборна комисија од досегашните обработени податоци изброени се 405 или 5,52 отсто неважечки ливчиња.

Во Пласница се обработени сите гласачки места, на кои излегле 1 974 од 4 954 вкупно запишани гласачи или 39,85 отсто.
Во Пласница имаше само двајца кандидати за градоначалник, Алија Јахоски од ДУИ и Рамазан Шерифовски од Движењето за национално единство на Турците.
1 696 гласале за кандидатот на ДУИ или 85,92 отсто, додека за неговиот противкандидат гласале 11,70 отсто или 231 гласач. Во Пласница има 47 неважечки ливчиња или 2,38 отсто.