Државната изборна комисија (ДИК) одржа вонредна прес-конференција на која потпретседателката Дитмире Шеху рече дека, според информациите што ги добиваат од терен, дел од избирачките одбори не постапувале согласно надлежностите што произлегуваат од Изборниот законик и подзаконските акти

Потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху, соопшти дека имало избирачки одбори кои не го почитувале упатството за начинот на гласање. Посочи дека ова се однесува на неколку избирачки одбори во неколку општини.
Таа ги потсети изборните органи дека треба да го почитуваат законот и сите напатствија што ги донела ДИК, а се однесуваат на начинот на гласање. Шеху предупреди дека во спротивно, според Изборниот законик, секој член на изборниот орган кој го попречува гласањето ќе се казни со најмалку три години затвор.
Потпретседателката на ДИК уште еднаш ја повтори постапката од упатството за начинот на кој гласачите го остваруваат своето право на глас и како на гласачкото место треба да се однесуваат и гласачите и членовите на избирачкиот одбор.
Потенцираше дека сега грешката што ја правеле во тие избирачки места е исправена и дека гласањето тече како што треба.
„Имавме пријави од неколку општини. Упативме забелешки дека не треба да се повтори истата грешка што претходно ја направиле. Излеговме со оваа прес-конференција за да не се јавуваме до секој избирачки одбор или до секоја општинска изборна комисија за да не ја повторат грешката што ја правеле досега. Има неколку општини и заради коректност не би сакала да истакнам кои се бидејќи тие ја поправија грешката и гласањето тече како што треба“,
рече Шеху.
Шеху порача дека ДИК ќе ги преземе сите потребни мерки кои се однесуваат на попречување на изборниот процес или непочитување на законските и подзаконските акти.