Едно избирачко место во Ќафа, Гостиварско, сè уште не е отворено и гласањето таму засега не се одвива, изјави портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска-Алексовска
До 9 часот утринава излезеноста на гласачите во четирите општини каде што се одржуваат повторени избори за градоначалник е 1,12 отсто, објави Државната изборна комисија (ДИК).

По општини, во Маврово-Ростуше има излезеност од 2,89 отсто. До 9 часот таму на гласање излегле 306 граѓани од вкупно 10 575, колку што се запишани во Избирачкиот список. Излезеноста во Врапчиште е 1 отсто. На гласање таму излегле 272 граѓани од вкупно 27 279 запишани во Избирачкиот список.
Гостивар има излезеност од 0,97 отсто. Таму до 9 часот утринава гласале 802 од вкупно 82 870 избирачи. Најмала излезеност има во Центар Жупа, односно 0,75 проценти. Гласале 57 од вкупно запишани 7 562 избирачи.

Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, на утринската прес-конференција изјави дека текот на гласањето на избирачките места кои се отворени тече непречено и без поголеми тешкотии. Поради временските услови, како што посочи, неколку избирачки се отворени со задоцнување од 40 минути до повеќе од еден час. Избирачкото место 0782 во Ќафа, Гостиварско, сè уште не е отворено.
„Засега таму гласањето не се одвива. Ќе видиме што ќе се случува во текот на денот“,
изјави Тодоровска-Алексовска.
Портпаролката на ДИК потсети дека согласно Изборниот законик, онаму каде што гласањето е прекинато и времетраењето на прекинот трае од еден до три часа, гласањето ќе се продолжи колку што траел прекинот.
Според податоците на Државната изборна комисија, право на глас во четирите општини имаат 128 286 граѓани, а се гласа на вкупно 215 избирачки места.
