Поеднично по општини, излезеноста до 9 часот е најголема во Пробиштип со 9,5 отсто, по него е Лозово со 8,36, а најниска е во Сарај 0,72 отсто. За излезеноста во Струга до 9 часот, Државната изборна комисија сè уште нема податоци
Излезеноста на гласачите на вториот од локалните избори за градоначалници во 32 општини и Градот Скопје до 9 часот изнесува три проценти на ниво на државата или во апсолутни бројки во првите два часа од отворањето на гласачките места своето право на глас го искористиле 28 298 граѓани.

Како што може да се види на веб-страницата на Државната изборна комисија, овие бројки и проценти се врз основа на обработени 1 641 избирачко место или во проценти 92,35 отсто.
Поеднично по општини, излезеноста до 9 часот е најголема во Пробиштип со 9,5 отсто, по него е Лозово со 8,36, а најниска е во Сарај 0,72 отсто.
За излезеноста во Струга до 9 часот, Државната изборна комисија сè уште нема податоци.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, на прес-конференцијата, прва на денешниот изборен ден рече дека гласањето за вториот круг од локалните избори се одвива во најдобар ред, при што гласачките места се навреме и уредно отворени.
„Постапката се одвива уредно, немаме никаков проблем досега со изборниот материјал ниту со постапувањето на избирачките одбори“,
рече Кондарко.
Тој кажа дека единствениот забележан мал застој бил на избирачкото место 0385 во Дојран, каде што имало технички проблеми со смарт картичка на уредот за биометриска идентификација. Проблемот, рече Кондарко, е брзо решен и гласањето сега тече непрекинато.
Кондарко најави дека ДИК во текот на денот ќе врши ненајавени посети на определени избирачки места и општински изборни комисии, со цел да го набљудува текот на изборите.
Заради поголема транспарентност и увид, тимови на ДИК ненајавено ќе бидат присутни и по 19 часот на определени места, каде што ќе го набљудуваат и процесот на броење на гласовите.
Од ДИК останува препораката дека на процесот на броење може да биде присутен целокупниот состав на избирачкиот одбор.
Комисијата информираше дека е во постојана комуникација со Комисијата за следење на изборниот процес од Јавното обвинителство, од превентивни причини. ДИК ќе го доставува и доверливиот изборен материјал доколку се јави потреба за тоа, со цел навремено да се реагира на каква било потреба или евентуален проблем.

Прашан дали до ДИК има поднесно претставки за нарушување на изборниот молк, претседателот на Комисијата, Борис Кондарко на прес-конференцијата, прва на денешниот изборен ден, рече дека официјална преставка или пријава досега не е пристигната.
Сепак, како што додаде тој, бидејќи и понатаму трае изборниот молк, ДИК мора да внимава какви податоци изнесува на прес-конференциите до затворањето на избирачките места во 19 часот.
„По завршување на гласањето вечерва ќе ги соопштиме нашите сознанија и она што како законски можности ни стојат на располагање за постапување“,
рече Кондарко.
