На ниво на државата, најголема излезеност има во Општина Новаци (73,70 отсто), а најмала во Центар Жупа (21,30 отсто)
Излезеноста на гласачите на локалните избори до 18:30 часот на ниво на државата е 46,46 проценти, информира Државната изборна комисија (ДИК).

Процентот е изведен од обработени 3 380 избирачки места, што е 97,96 отсто од нивниот вкупен број. Од вкупно 1 832 415 запишани избирачи на овие избирачки места, правото на глас до 18:30 часот го оствариле 833 670 граѓани.
На ниво на државата, најголема излезеност има во Општина Новаци (73,70 отсто), следуваат Дојран со 72,44 проценти, Лозово со 71,98 проценти и Општина Росоман со излезеност од 71,75 отсто.
Најмала излезеност има во Центар Жупа (21,30 отсто), Врапчиште со 24,41 отсто и Маврово-Ростуше со 28,58 отсто.
„Центар Жупа, Маврово-Ростуше и Врапчиште имаат помалку од една третина излезеност од вкупниот број на запишани избирачи во избирачкиот список во конкретните општини. Согласно Изборниот законик, за избран кандидат во првиот круг од гласањето за градоначалник се смета оној кандидат кој добил мнозинство од гласовите од граѓаните кои излегле да гласаат под услов да излегле да гласаат најмалку една третина од гласачите. Доколку во првиот круг не излезат повеќе од една третина од запишаните избирачи, целата изборна постапка се повторува во рок од 60 дена“,
информира претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
На ниво на Град Скопје, како што информира Кондарко, до 18:30 часот излезеноста е 46,64 проценти.
Најголема излезеност од општините на територија на Град Скопје има во Сарај (55,20 отсто), следува Чаир со 51,47 отсто, Карпош со 49,92 отсто, Бутел со 49,71 отсто и Центар со 49,26 проценти. Од скопските општини најмала е излезеноста во Шуто Оризари (35,33 отсто).
Првичните неофицијални резултати од гласањето на првиот круг ДИК ќе ги соопшти околу полноќ.