Во меѓувреме, како што рекоа оттаму, на избирачко место во општина Карпош е преминато на идентификација на гласачите со УВ-лампа и спреј, бидејќи се заглавила СИМ-картичката во уредот за биометриска идентификација
Излезеноста на гласачите на локалните избори до 15 часот на ниво на државата изнесува 31,34 отсто, велат податоците на Државната изборна комисија (ДИК).

Процентот е изведен од обработени 3 444 избирачки места, што е 99,14 отсто од вкупниот број. Како што може да се види на веб-страницата на ДИК, каде што сукцесивно се објавуваат податоците, од 1 832 415 запишани избирачи на овие избирачки места, своето право на глас до 15 часот го оствариле 570 727 граѓани.
Општина со најголема излезеност е Чашка со 53,19 отсто, по што следуваат Новаци со52,84 отсто, Ранковце со 48,24 отсто и Македонски Брод со 48,21 отсто.
Најмала излезеност до 15 часот, според податоците на ДИК, е забележана во Општина Врапчиште со 14,94 отсто, а потоа се Центар Жупа со 17,12 и Шуто Оризари со 23,01 отсто.

На прес-конференцијата на Државната изборна комисија за излезеноста до 15 часот, таа во Градот Скопје е нешто над 31 отсто.
Од скопските општини до 15 часот најголема е излезеноста во Сарај со 36,32 отсто, потоа во Чаир со 35,59 проценти, а најмала е во општина Шуто Оризари со 23,01 отсто.
Како што информираа од ДИК, досега до Комисијата не се пристигнати пријави за неправилности на избирачките места и гласачите непречено го остваруваат своето право на глас.
Во меѓувреме, како што рекоа оттаму, на избирачко место во општина Карпош е преминато на идентификација на гласачите со УВ-лампа и спреј, бидејќи се заглавила СИМ-картичката во уредот за биометриска идентификација
„Поради тоа ДИК донесе одлука со која гласачите на ова избирачко место гласаат по стариот начин на гласање со примена на УВ-лампа и УВ-спрејот. Но, сакаме да увериме дека на овој начин не се ускратува правото на ниту еден граѓанин. Сите избирачи кои се запишани на ова избирачко место ќе можа да го остварат правото на глас“,
кажа портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска-Алексовска.