Во првиот круг излезеноста до 13 часот била 20,12 проценти
Излезеноста во вториот круг од локалните избори до 13 часот изнесува 18,05 проценти на државно ниво, покажуваат податоците на Државната изборна комисија (ДИК).

Процентот, како што може да се види на веб-страницата на ДИК, е изведен врз основа на обработени 99,89 избирачки места или во апсолутни бројки до средината на денешниот изборен ден гласале 182 436 граѓани од вкупно 1 013 357 запишани гласачи.
Излезеноста во Град Скопје изнесува 15,24 проценти, односно на гласање до 13 часот излегле 71 849 гласачи, од вкупно 474 304 колку што се запишани во Избирачкиот список за главниот град.
По општини, до 13 часот најголема е излезеноста во Пробиштип – 36,66 отсто, потоа следат Крушево – 34,86 проценти, Лозово со 34,54 проценти, Демир Капија – 34,21 отсто и Ранковце со 31,41 процент.
Над 30 отсто е излезеноста во Дојран, каде што до 13 часот гласале 31,21 отсто од избирачите.

Од друга страна, најмала излезеност е регистрирана во Општина Сарај – 3,58 проценти, потоа во Чаир – 5,53 проценти и Шуто Оризари каде до 13 часот излегле 12,78 проценти од граѓаните со право на глас.
Во првиот круг излезеноста до 13 часот била 20,12 проценти.
Во однос на излезеноста за Град Скопје, според податоците од 678 избирачки места најголем одзив до 13 часот има во Општина Карпош – 22,14 отсто, потоа е Центар со 21,58 отсто, Ѓорче Петров со 15,92 проценти, Кисела Вода со 19,57 проценти и Аеродром со 19,21 процент. Најмала излезеност има во Сарај, Чаир и Шуто Оризари.
Во однос на споредбата со одзивот на гласачите во првиот круг и пресекот направен во 13 часот излезеноста на ниво на Град Скопје тогаш била 20,07 проценти.
Одговарајќи на новинарско прашање дали до ДИК се пристигнати претставки за нарушување на изборниот молк, Радица Тодоровска-Алексовска изјави дека досега до ДИК нема стигнато пријава за неправилности.
„Во однос на приговорите за лично избирачко право, како што стигнуваат до ДИК така и се решаваат“,
рече таа.
Тодоровска-Алексовска информира и дека со почеток во 14 часот ДИК ќе одржи јавна седница на која ќе се разгледуваат приговори и на која Комисијата ќе информира за постапката за набљудување на изборите.
