Најголема излезеност до 11 часот има во Општина Чашка – 22,6 отсто, а најмала во Врапчиште – 2,54 проценти

Излезеноста на локалните избори до 11 часот на ниво на државата изнесува 9,44 отсто од вкупно запишаните гласачи, информираат од Државната изборна комисија (ДИК).
Како што може да се види на веб-страницата на ДИК, овој процент е изведен врз основа на обработени 3 456 избирачки места, на кои од вкупно 1 645 583 запишани гласачи своето право го оствариле 172 061 граѓанин. Излезеноста во Град Скопје изнесува 9,38 отсто.
По општини, најголема излезеност до 11 часот има во Општина Чашка – 22,6 отсто, потоа е Новаци 19,13, Пробиштип со 17,64 отсто, Крушево со 16,97 проценти, Крива Паланка има 16,85 отсто, Кратово 16,26 проценти.
Најмала излезеност е регистрирана во Општина Врапчиште – 2,54 отсто, а потоа е Сопиште со 3,93, Боговиње со 4,48 и Центар Жупа каде што до 11 часот излегле 4,89 отсто од гласачите.

Како што рече на прес-конференција портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска-Алексовска, до 11:15 часот не се пристигнати никакви информации за поголеми проблеми или непријатности со кои се соочиле избирачките одбори на терен.
„Засега сè е во најдобар ред и нема пристигнато нова информација дека има некои проблеми, како оние во Куманово и во Штип“,
рече таа.