Во првиот изборен круг, како што рече Тодоровска-Алексовска, процентот на избирачи што гласале за Град Скопје тогаш изнесувал 9,37 проценти, додека за избор на градоначалници на општините изнесувал 9,38 отсто

Излезеноста во вториот круг од локалните избори до 11 часот на ниво на државата изнесува 9,21 отсто од вкупно запишаните гласачи, информираат од Државната изборна комисија (ДИК).
Како што може да се види на веб-страницата на ДИК, овој процент е изведен врз основа на обработени 1 777 избирачки места, на кои од вкупно 1 013 357 запишани гласачи своето право го оствариле 93 219 граѓани.
Излезеноста во Град Скопје изнесува 8,30 отсто односно на гласање излегле 35 097 избирачи.
По општини, најголема излезеност до 11 часот има во Општина Пробиштип – 22 отсто, потоа е Лозово 20,87, Демир Капија и Крушево се со 19,92 отсто, Ранковце со 18,29 проценти, Дојран има 17,43.
Најмала излезеност е регистрирана во Општина Сарај – 1,86 отсто, а потоа е Чаир со 2,67, Шуто Оризари со 5,93 и Куманово каде што до 11 часот излегле 6,42 отсто од гласачите.

Во однос на излезеноста за Град Скопје, според податоците од 611 избирачките места, колку што се пристигнати, најголем одзив има во Општина Карпош – 10,9 отсто, потоа е Кисела Вода со 10,25 проценти, па Центар има 10,24 отсто и Аеродром со 9,36 проценти. Најмала излезеност има во Сарај, Чаир и Шуто Оризари.
Како што рече на прес-конференција портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска-Алексовска, до 11 часот не се пристигнати никакви информации за поголеми проблеми или непријатности со кои се соочиле избирачките одбори на терен.
И таа посочи единствено на техничкиот проблем за кој претходно информираше претседателот на ДИК, Борис Кондарко, а кој се однесува на избирачкото место 0385 во Дојран. Тодоровска-Алексовска рече дека проблемот е надминат и гласањето е продолжено на стариот начин на гласање со УВ-ламба и спреј.
Во првиот изборен круг, како што рече Тодоровска-Алексовска, процентот на избирачи што гласале за Град Скопје тогаш изнесувал 9,37 проценти, додека за избор на градоначалници на општините изнесувал 9,38 отсто.
Прашан дали членови на Државната изборна комисија посетиле некои од избирачките места, како што најави претседателот на Комисијата, Борис Кондарко на првата прес-конференција, и доколку е тоа случај, каква е првичната слика и што е констатирано, портпаролот Адмир Шабани кажа дека сите впечатоци од денешното гласање ќе ги соопштат на крајот на изборниот ден.
„Како што беше споменато на првата прес-конференција така и ќе се постапи, меѓутоа сепак е ненајавено, така и ќе остане. На крајот на изборниот ден ние секако ќе ги споделиме сите впечатоци од денешното гласање“,
рече Шабани.
Кондарко на првата прес-конференција најави дека ДИК во текот на денот ќе врши ненајавени посети на определени избирачки места и општински изборни комисии, со цел да го набљудува текот на изборите. Заради поголема транспарентност и увид, тимови на ДИК ненајавено ќе бидат присутни и по 19 часот на определени места, каде што ќе го набљудуваат и процесот на броење на гласовите.
