Изборите за градоначалници на општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа и за членови на Советот на Општина Тетово треба да се одржат на 20 август
Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 60-та седница, ја усвои предлог-одлуката за измена и дополнување на финансискиот план за распределба на средства за изборите за градоначалници на општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа и за членови на Советот на Општина Тетово.
ДИК ги усвои и барањата за акредитација на набљудувачи на изборите поднесени од Здружението за афирмација на хумани вредности и младинска интеграција „Мак сонце“ кое ќе има девет набљудувачи и Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) со шест набљудувачи.
Четвртата точка, утврдување на изгледот на гласачкото ливче, поради безбедносни причини за заштита и тајноста на содржината, ДИК ја разгледуваше без присуство на медиуми.
Пред да биде усвоена првата точка, потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху, ја образложи потребата од донесување одлука за измени на финансискиот план за изборите.
„Според барањата што ни пристигнаа од Комисијата за јавни набавки, пристигнати се понуди повисоки од финансискиот план, кој ДИК го усвои претходните избори. Бидејќи немаме време да објавуваме нови постапки, треба да донесеме одлука за измени и дополнување на финансискиот план. Се работи за три ставки, и тоа во делот на паравани, гласачки ливчиња и беџови за набљудувачи. Во делот за беџови на набљудувачи треба да додадеме 5 000 денари, за паравани 30 000 денари и за гласачки ливчиња околу 600 000 денари“,
соопшти потпретседателката Шеху.
Таа рече дека Комисијата треба дополнително да направи анализа зошто се случува за гласачките ливчиња да има само по еден понудувач.
Изборите за градоначалници на општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа и за членови на Советот на Општина Тетово треба да се одржат на 20 август.
Изборите за членови на Советот на Општина Тетово ги распиша Собранието на 21 јуни откако Владата го распушти Советот на Општина Тетово бидејќи претходниот состав не успеа да ја усвои завршната сметка на Општината до 21 март годинава.
Изборите за градоначалник на општините Центар Жупа и Маврово Ростуше се повторуваат бидејќи не беше обезбеден потребниот цензус за излезеност од една третина или 33 отсто од вкупно запишаните гласачи на редовните локални избори на 17 октомври 2021 година.