Гласањето по оваа точка од дневниот ред на 130. седница на ДИК требаше да се случи во вторникот, но беше одложено откако членката на Комисијата, Дитмире Шеху, која во ова тело дојде како предлог на ДУИ, тогаш побара Упатството да се донесе со конензус, повикувајќи се на одредби од Изборниот законик
Со пет гласа „за“ и еден „против“ Државната изборна комисија (ДИК) денеска го донесе Упатството за пополнување образец за листи на кандидати за членови на советите на општините и на Советот на Град Скопје.

Гласањето по оваа точка од дневниот ред на 130. седница на ДИК требаше да се случи во вторникот, но беше одложено откако членката на Комисијата, Дитмире Шеху, која во ова тело дојде како предлог на ДУИ, тогаш побара Упатството да се донесе со конензус, односно едногласно.
Поради оваа околност нејзиното барање беше испратено до правната служба на ДИК за да даде мислење, по што денеска Упатството денеска беше ставено на гласање и усвоено со мнозинство, а не со консензус, како што инстистираше Шеху.
„Она на коешто се повикувате процедурално беше иницијално на првата седница кога побаравте да се гласа со консензус. Бидејќи немаше консензус, ја спроведовме оваа дополнителна постапка и го добивме мислењето. После тоа веќе немаме законски услови да бараме гласање со консензус, туку со мнозинство гласови“,
рече претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
По ова, членката на Комисијата, Шеху, најави дека ќе поднесе тужба до Управниот суд.
Таа во вторникот се повика на одредби од Изборниот законик, кои, како што кажа, предвидуваат член на Комисијата да може да побара гласање со консензус ако одлуката се однесува на немнозинските заедници.
Како и партијата на чиј предлог дојде за член на ДИК, Шеху смета дека Упатството не може да биде донесено врз основа на одлуката на Владата од септември минатата година, со која беше намален бројот на советници во 14 општини.
Одлуката на Владата произлезе од пописот на населението кое покажа намалување на бројот на жители, поради што согласно Законот за локална самоуправа од Илинденска број 2 донесоа одлука за намалување и на бројот на советници во тие општини.
Според Шеху, не треба да се бројат само резидентите, туку и иселениците, односно и нерезединетното население, поради што побара Комисијата во упатството да одреди поинаков број советници од оној во владината одлука.
Како што кажа таа на седницата, бројот на советници во општините и во Градот Скопје се утврдува согласно Законот за локална самоуправа, а не врз основа на одлука на Владата.

Сепак, како и во вторникот, и денеска претседателот на ДИК, Борис Кондарко, рече дека Упатствотот за бројот на советници во општините и во Градот Скопје за локалните избори во 2021 година било донесено врз основа на одлука на владата од 2004 година и дека ДИК нема законска надлежност да ги цени и преиспитува одлуките на другите институции.
„Зборувавте за Пописот, зборувавте за содржината на одлуката на Владата, што не е предмет и не е наша надлежност за оценка на истата. Не можеме ние да навлегуваме во Законот за Попис, во дефиниција на термините „жител“, „резидент“ итн. Така што, сето тоа немаме никакво право да го толкуваме како Државна изборна комисија“,
рече Кондарко.
За потсетување, согласно резултатите од Пописот на населението од 2021 година, и согласно Законот за локална самоуправа, Владата во септември минатата година донесе одлука за зголемување на бројот на општински советници во Кисела Вода, Карпош и во Студеничани, и намалување на бројот на советници во 14 општини – Гостивар, Кичево, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Пехчево, Струга, Врапчиште, Дебарца, Желино, Јегуновце, Ново Село, Теарце и Центар Жупа. Најголемо намалување, од 31 на 23 советници има во Гостивар. Според пописот од 2002, Гостивар имаше над 80 илјади жители, но во 2021 бројот падна под 60 илјади жители.
Иако има намалување и во општини каде мнозинството го сочинуваат Македонци, од сега опозициската ДУИ сметаат дека ваквата одлука е на штета на Албанците и бараат како жители да се бројат и иселениците, односно нерезидентното население. Од истите причини коалицијата предводена од ДУИ во Собранието ги блокираше и измените на Изборниот законик.