Кондарко вели дека до овој момент гласањето се одвива без никакви тешкотии и проблеми

Гласањето на две избирачки места, едно во Куманово и едно во Штип, се одвива без користење на уредите за биометриска идентификација поради објективни и технички причини, соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, на денешната прес-конференција.
Во Куманово, на избирачкото место број 1133 со 12 запишани гласачи, гласањето продолжило со УВ-спреј и УВ-лампа откако поради недостиг на електрична енергија од страна на екипи на ЕВН било констатирано дека интервенцијата би траела најмалку час и половина.
Слична одлука е донесена и за избирачкото место 2271 во Штип, каде што има 507 гласачи. Таму, и покрај обидот со два резервни уреда и картички, ИТ-лицата не успеале да го стартуваат уредот за биометриска идентификација.
„Тоа значи дека во целата држава од 3 474 места кои се уредно и навремено отворени, гласањето без уред за биометриска идентификација се одвива само на две избирачки места. Тоа се објективни фактори на техниката, незначителен процент“,
рече Кондарко.
Претседателот на ДИК потсети дека лани на претседателските и парламентарните избори слична одлука била донесена за шест избирачки места.
Тој рече дека до овој момент гласањето се одвива без никакви тешкотии и проблеми.
Во врска со вчерашното гласање на болните или немоќни лица, лицата што се на издржување казна затвор или се во притвор и лицата што се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа, Кондарко појасни дека ДИК, согласно Изборниот законик, го објавува само податокот за излезеноста, додека резултатот од гласањето во саботата нема да биде посебно објавен.
„Сите избирачки ливчиња од гласањето вчера се бројат по завршување на гласањето денеска во 19 часот“,
додаде Кондарко.