Државната изборна комисија ги отфрли сите приговори за предвремено почната изборна кампања, поднесени од коалицијата „За обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и од Левица.
Членовите на комисијата ги одбија приговорите со образложение дека во нив не биле прецизирани дејствијата за предвреме почната кампања
„Во сите овие приговори е наведен основот за предвремен почеток на кампања. Но, во истите приговори недостигаат одредени елементи кои можат да го карактеризираат прекршкот како предвремен почеток на кампања и на некој начин нивно точно прецизирање, за кој, каде и каков настан, освен слики од социјални мрежи од кои не може точно да се утврди за што точно станува збор“,
рече претседателот на ДИК, ОливерДеркоски.
Членовите на ДИК го разгледаа и барањето од ВМРО-ДПМНЕ за упис на граѓани во Избирачкиот список. Деркоски соопшти дека се работи за упис на четворица граѓани, а при проверката на стручните служби на ДИК, се утврдило дека тројца од нив веќе се запишани во Избирачкиот список, а за еден се утврдило дека има проблем со важноста на лична карта. Членот на ДИК, Јанаќе Витановски предложи согласно законите, за трите лица да донесат решение како беспредметно, а за четвртото лице да има решение како неосновано, по што сите гласаа и ја донесоа одлуката едногласно.
На денешната седница се дискутираше и за Предлог-одлука за исплата на дополнителни аванси за подрачното одделение и канцеларии на ДИК и за ОИК.
„Со оглед на новонастаната ситуација и со пролонгирањето на организацијата на изборите, јасно е дека се наметнува потребата да им се овозможи на ОИК и на нашите подрачни одделенија одобрување одредени дополнителни средства. Ние како ДИК одлучивме тие да бидат во износ од половина од она што претходно им го одобривме се со цел да можат да го дозавршат овој изборен процес“,
рече Деркоски.
Тој информира дека се предлага во одлуката да се одобрат на 80 општински изборни комисии средства во износ од 1 172 500 денари и авансни средства за 34 подрачни канцеларии и одделенија 292 500 денари.
