Од ДИК првично известија дека просторијата каде е сместено подрачното одделение во Карпош не е во нивна сопственост, туку е во сопственост на локалната самоуправа и во моментот тие се објективните капацитети со кои располага општината и кои може да им ги отстапи. Но, по дополнителните проверки ДИК ги отфрли наводите за дискриминација бидејќи, како што велат, утврдиле дека во ова подрачно одделение има и друг влез кој овозможува пристап за сите
Претходно, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација извести дека уврдиле дека објектот на подрачното одделение на ДИК во Карпош има неприлагоден и непристапен влез за лицата со физичка попреченост, со што тие не можат да го остваруваат своето загарантирано право на учество во политичкиот и јавниот живот
Државната изборна комисија (ДИК) денеска направила дополнителни проверки во подрачното одделение во Општина Карпош во Скопје откако претходно Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди „директна продолжена дискриминација од страна на ДИК кон лицата со физичка попреченост“.
Се работи за објект на подрачното одделение на ДИК во Карпош каде Комисијата била на увид по допрен глас од лице со физичка попреченост кое се пожалило дека не може да се потпише за поддршка на извесна независна кандидатска листа за локалните избори, бидејќи нема пристап.
Од ДИК првично известија дека просторијата каде е сместено подрачното одделение во Карпош не е во нивна сопственост, туку е во сопственост на локалната самоуправа и во моментот тие се објективните капацитети со кои располага општината и кои може да им ги отстапи. Но, по дополнителните проверки ДИК ги отфрли наводите за дискриминација бидејќи, како што велат, утврдиле дека во ова подрачно одделение има и друг влез кој овозможува пристап за сите.
„Се утврди дека во целост се неточни наводите за директна продолжена дискриминација врз лицата со физичка попреченост од страна на подрачното одделение на ДИК во Карпош, затоа што за цело време во ова подрачно одделение функционира и друг влез кој нуди целосен пристап за сите лица“,
соопштија од ДИК.
Во разговор за „360 степени“ портпаролот на ДИК, Адмир Шабани, вели дека и во текот на утрешниот ден повторно ќе се направат проверки со цел сите лица да можат да го остварат своето право.
„Објектите во кои функционираат подрачните одделенија не се во сопственост на ДИК туку на општините, но ние ќе побараме особено за овој предизборен период да се создадат сите услови за да може сите граѓани да го остварат своето право. Дополнително, ќе се одредат и тимови кои ќе бидат на располагање да излезат надвор пред објектите доколку се случи граѓанин да не може да пристапи внатре. Ова ќе се однесува на сите подрачни одделенија“,
вели Шабани и повика граѓаните да пријават доколку наидат на препреки.
Од ДИК напоменуваат дека согласно член 25 став 1 од Изборниот законик, Собранието, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерство за информатичко општество и администрација, Министерство за труд и социјална политика, Државниот завод за статистика и Службата за општи и заеднички работи на Владата и нивните подрачни единици како и општините и Градот Скопје, се должни на органите за спроведување на изборите да им обезбедат технички, просторни и други услови за работа.
Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација известија дека уврдиле дека објектот што се наоѓа на ул. „Стрезово“ бр. 7 е неприлагоден и непристапен за лицата со физичка попреченост, со што тие не можат да го остваруваат своето загарантирано право на учество во политичкиот и јавниот живот.
„Од увидот е констатирано дека до просториите на споменатата подрачна канцеларија се стигнува по прибижно 50-тина тесни и стрмни скалила кои се неприспособени за лица со физичка попреченост, за стари, изнемоштени и болни лица. Вториот пристап, пак, кој води до објектот е позаобиколен, тесен, прилично стрмен, неасфалтиран пат, по кој може да се користи и возило, а завршува пред објектот на една детска градинка. Оттука, по тесен приоден пат кој се користи и како паркинг на возила се стигнува пред влезот во објектот на кој од десната страна стои табла дека се работи за објект во сопственост на Општина Карпош. Тука е сместено подрачното оддление на ДИК. До влезот во објектот водат четири бетонски скалила. Од десната страна скалите се обезбедени со метален ракофат, а левата страна воопшто не е обезбедена. Ваквата инфраструктура на објектот оневозможува пристапност и достапност на лицата со физичка попреченост“,
се вели во мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.