Како што информира Кондарко, од моментот на објавување на овие резултати почнува да тече рокот за поднесување приговори
Државната изборна комисија (ДИК) попладнево ги соопшти првичните официјални резултати од гласањето во вториот круг на локалните избори кои се одржаа вчера на 2 ноември.
Како што кажа претседателот на ДИК, Борис Кондарко, во вториот круг се гласаше во 32 општини и во Градот Скопје, а вкупниот број на избирачи изнесуваше 1 013 357.

Бројот на избирачки места на кои се спроведе гласањето е 1 777, вкупниот број избирачи што гласале е 424 923 или 41,93 отсто.
Бројот на неважечки ливчиња е 23 930, а на важечки е 404 464.
За градоначалник на Скопје во десетте скопски општини гласаа 474 304 избирачи, а на територијата на Скопје 167 575 гласачи. Вкупниот број неупотребени ливчиња е 306 729, бројот на важечки гласачки ливчиња е 157 047, а на неважечки 10 528.
Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг освои градоначалнички места во Град Скопје и во 21 општина, коалицијата ВЛЕН во четири, коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) во три, Унијата на Роми, движењето ЗНАМ и „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ) во по една општина, а во една општина ќе раководи независен кандидат за градоначалник.
За кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, гласале 95 572 избирачи или 57,03 отсто, додека за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ гласале 61 475 или 36,69 отсто од вкупниот број избирачи.
Како што информира Кондарко, од моментот на објавување на овие резултати почнува да тече рокот за поднесување приговори.
„Од денеска, од 16:30 часот, од објавувањето на првичните официјални резултати, во наредните 48 часа, до среда, до 16:30 часот, течат роковите за евентуални приговори врз основа на објавените првични официјални резултати, а за спроведување на постапката на утврдување на резултатите од гласањето. Приговорите се доставуваат директно до ДИК, електронско поднесување не е дозволено“,
рече Кондарко.
Ако има приговори, како што додаде, крајниот рок за објавување на конечните резултати од локалните избори ќе биде понеделник или најдоцна вторник.
„Ако до среда, до истекот на рокот за поднесување приговори во некоја од 32-те општини не бидат поднесени приговори, за тие места каде нема приговори, ДИК до четврток ќе објави конечни резултати“,
кажа тој.
Според него, доколку бидат поднеснеи приговори, ДИК има рок од 72 часа да одлучува по приговорите.
„Тоа во денови доаѓа некаде до сабота. Потоа, по одлуките на ДИК, има рок од 24 часа за поднесување тужби до Управниот суд. Тоа би било најдоцна до недела. Управниот суд има рок од 48 часа за одлучување по тужбите. Значи, крајните рокови за одлучување на Управниот суд би биле до понеделник. Понеделник или најдоцна вторник, по конечните одлуки на Управниот суд, би бил крајниот рок за објавување на конечните резултати“,
вели претседателот на ДИК.
Од 19 часот вчера течат роковите за приговори врз основа на постапката за спроведување на гласањето.
Конечните резултати ќе бидат соопштени на седница на ДИК.
