Правилникот го предложи членот на ДИК, Александар Даштевски повикувајќи членот 63 од Изборниот законик кој, како што рече, не е укинат, а ја регулира постапката за собирање потписи за предлагање кандидати, иако членот 62, кој се однесува на локалните избори, Уставниот суд го укина

Два граѓански потписа ќе бидат потребни за независните кандидати за советници и градоначалници да учествуваат на претстојните локални избори што треба да се одржат во октомври годинава. Ова го предвидува новиот правилник што Државната изборна комисија (ДИК) го донесе со шест гласа „за“ и еден глас „против“ на седницата што се одржа вечерва.
Правилникот го предложи членот на ДИК, Александар Даштевски повикувајќи членот 63 од Изборниот законик кој, како што рече, не е укинат, а ја регулира постапката за собирање потписи за предлагање кандидати, иако членот 62, кој се однесува на локалните избори, Уставниот суд го укина.
„Ќе прочитам неколку измени кои ги предлагам во правилникот кои се од суштиснко значење. Врз основа на член 63, став 3, собирањето потписи во постапката на кандидирање согласно одредбите на Избирниот законик почнуваат десет дена од денот на распишувањето на изборите и трае 15 дена. Кога подносител на листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник, е група избирачи, потребно е предлогот на кандидатската листа да го потврдат пред подрачните одделенија или регионални канцеларии на ДИК со важечки документи за лична идентификација, со адреса на живеење на соодветна општина за која се поднесува соодветна кандидатска листа и притоа за поддршка на истата на приопишан образец да бидат потпишани најмалку двајца избирачи“,
рече Даштевски.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко истакна дека има спротивно мислење од Даштевски кое е од процедурално-правен карактер, но оти сепак тој и нековиот колега Оливер Ристовски ќе гласаат за правилникот.
„Членот 60 од Изборниот законик дирекно го утврдува, предвидува и дава правото на учество на група избирачи да поднесат листа и да учествуваат на изборите, но без собирање потписи. Ова од причина што Уставен суд ги укина одредбите за бројот на собрани потпис предвидени во членот 62. Во таа насока, не го прифаќам образложението на овој правилник кој се повикува на член 63 кој ја предвидува постапката за собирање потписи. Не може да се спроведува постапка без да постои цензус за предвиден број потписи кои треба да се соберат. Во случајот, членот 63 е неприменлив бидејќи е поврзан со член 62 од Законот, а кој е укинат од Уставниот суд. Но, како што кажав, иако од формално правен, правно-процедурален карактер и наведените причини не се согласувам, имам поинакво мислење, сепак и јас и колагата Оливер Ристовски ќе гласаме ‘за’ и ќе го поддржиме овој правилник бидејќи сметам дека тоа е во интерес на изборниот процес и непречено спроведување на сите дејствија од изборниот процес“,
истакна Кондарко.
Кондарко додаде дека изборите се распишани, изборните дејства се во тек, а ДИК нема право и можност да ги одложи или запре. Рече дека во оваа состојба ДИК се нашла не по своја вина.
„Во два наврати Собранието не успеа да го регулира ова прашање, за бројот на потребни потписи за предлагање кандидатска листа на група избирачи. Поради тоа ДИК, не по своја вина, е доведена во ситуација да ги применува одредбите од Изборниот законик онакви какви што се, а во интерес на успешно организирање на изборниот процес. Суштински, без собирање, требаше да биде со нула потписи, но со правилникот се предлага најмалку два потписа од најмалку два избирачи, а тоа во суштина не менува ништо“,
рече Кондарко.
На ова реплицираше Даштевски кој, како што рече, смета оти со предложениот правилник не се излегува надвор од законските рамки.
„На почетокот на образложувањето на правилникот кажав дека членот 62 е укинат и оти на сила е членот 63 особено ставовите 1, 2, 3. Така што, во таа смисла, сметам дека постапката за собрање потписи ќе треба да постои на некаков, можеби, симболичен начин, бидејќи тоа е предвидена постапка“,
рече Даштевски.
Инаку, ДИК на седницата минатата сабота усвои заклучок вон сила да се стави упатството на ДИК од 2024 година за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите согласно Изборниот законик.
Како што рече претседателот на ДИК, Борис Кондарко тоа упатство се става вон сила поради одлуката на Уставниот суд да се укинат членови 61 и 62 од Изборниот законик во кои беше предвиден процентот на потписи за предлагање листи на група избирачи.
На вчерашната седница на Собранието, со 67 гласа „за“, 18 „против“ и ниту еден воздржан пратениците, при првото изјаснување, ги изгласаа измените на Изборниот законик, чија цел беше да се регулира бројот на потписи што треба да ги соберат независните кандидати за да може да учествуваат на избори. Но, на гласањето според Бадентер измените не поминаа – од пратениците од немнозинските заедници 11 гласаа „за“, а 18 беа „против“ (немаше воздржани).
По ова претседателот Африм Гаши констатираше дека Собранието не го донесе законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.