Таа порача дека борбата мора да продолжи и дека ќе остане пред зградата на српскиот парламент каде што беше стационирана изминатите 16 дена додека траеше штрајкот
Дијана Хрка, мајката на младиот Стефан Хрка, кој минатата година загина по падот на бетонската натстрешница на Железничката станица во Нови Сад, денеска објави дека го прекинува штрајкот со глад по 16 дена.

Во изјава за локалните медиуми, Хрка рече дека многумина, меѓу кои и здравствени работници, ја повикале да го прекине штрајкот со глад и дека тоа ќе го стори денеска. Додаде дека борбата мора да продолжи и дека ќе остане пред зградата на српскиот парламент каде што беше стационирана изминатите 16 дена.
„Можам да направам многу повеќе ако сум жива, и ќе направам, ќе поместам многу граници“,
изјави Дијана Хрка и додаде дека нема да ги разочара своите луѓе.
Хрка го започна штрајкот со глад на 2 ноември, еден ден откако во Нови Сад беше одбележана едногодишнината од трагедијата во која загинаа 16 лица, меѓу кои и нејзиниот син. Последните неколку дена почна да прима инфузија поради влошената здравствена состојба.
Покрај одговорност за трагедијата, барањата на Хрка беа да се ослободат сите студенти кои беа приведени во текот на протестите изминатата година, како и српскиот претседател Александар Вучиќ да распише избори.
