„Подготвени сме да се справиме со прашањата за време на преговорите со Европската Унија. Во никој случај не сме подготвени да се откажеме од нашиот македонски јазик и нашиот идентитет. Имаме сет на обврски што треба да ги исполниме за нашата интеграција во Европа. Навременото исполнување на овие обврски ќе ја покаже нашата вистинска намера да станеме ценета членка на Европската Унија. Во оваа фаза, Северна Македонија не само што се стреми да ги исполни критериумите засновани на стандардите на ЕУ, туку и да ги надмине“, вели вицепремиерот за европски прашања во интервју за грчкиот информативен портал, пренесува МИА
Прашањето со Бугарија треба да се реши преку дијалог заснован на европските вредности и принципи, а не врз основа на тоа „кој е посилен“ или кој е член на Европската Унија, а кој не, вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за грчкиот информативен портал „Пондики“, јавува дописничката на МИА од Атина.

Маричиќ, како што пренесува агенцијата, во интервјуто насловено „Атина и Скопје работат за интеграција на Северна Македонија во ЕУ“, говори за недоамнешната неформална вечера на лидерите на Западен Балкан во Атина, организирана од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по повод 20-годишнината од Самитот ЕУ – Западен Балкан и „Солунската декларација“, за европската перспектива на земјата, како и за Договорот од Преспа и односите со Грција.
Следните чекори на патот на С Македонија кон членство во Европската Унија, вицепремиерот вели дека вклучуваат „храбри мерки и одговорна работа“, изразувајќи подготвеност за дијалог со Бугарија.
„Веќе разговараме за сите отворени прашања што постојат“,
објаснува тој во интервјуто.

„Подготвени сме да се справиме со прашањата за време на преговорите со Европската Унија. Во никој случај не сме подготвени да се откажеме од нашиот македонски јазик и нашиот идентитет. Имаме сет на обврски што треба да ги исполниме за нашата интеграција во Европа. Навременото исполнување на овие обврски ќе ја покаже нашата вистинска намера да станеме ценета членка на Европската Унија. Во оваа фаза, Северна Македонија не само што се стреми да ги исполни критериумите засновани на стандардите на ЕУ, туку и да ги надмине“,
вели Маричиќ.
Во врска со неформланиот состанок пред 20 дена во Атина посветен на ЕУ-перспективата на регионот, на кој Маричиќ присуствуваше заедно со премиерот Димитар Ковачевски и шефот на дипломатијата Бујар Османи, вицепремиерот за европски пршања вели дека на него била потврдена посветеноста за нова ера на Западен Балкан со отворена врата кон ЕУ, но и „заедничко уверување дека регионот може и треба да биде нераскинлив дел од Европската Унија“.
„Стратегијата на ЕУ не само што е реална, туку е и суштинска за справувањето со геополитичката динамика во Европа и поширокиот регион, со оглед на настаните што ги живееме веќе една и пол година. Сегашните услови, расположението и намерите на Европејците да ја забрзаат интеграцијата на Западен Балкан во Унијата е одлична можност за сите нас. Вложуваме напори во сите области да ја спроведеме оваа стратегија. Нашата средба со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, беше чекор напред бидејќи разговаравме за нашиот тек, кој е усогласен со целите и амбициите на Европската Унија“,
вели Маричиќ во интервјуто за „Пондики“, пренесува МИА.
Говорејќи за нова ера во односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, тој потсетува и на изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел за време на Стратешкиот форум во Блед, Словенија во која најави дека следното проширување на ЕУ ќе биде во 2030 година.
„Потребен ни е временски рок и јасен план и мислам дека 2030 година е реален датум за завршување на реформите меѓу Европската Унија и земјите кандидати. Но, ако остане само ветување што беше дадено во Солун, тогаш ќе постои големо разочарување. Мислам дека штом ги завршиме нашите обврски, ќе бидеме во групата на следните членки на ЕУ“,
вели вицепремиерт за европски прашања.
На прашањето „Дали Северна Македонија е блиску до европското семејство?“, Маричиќ потенцира дека тоа е неспорно од многу причини: географски, социолошки, политички и демократски.
„Ставот на нашите граѓани кажува многу за нивната желба да бидат дел од европското семејство. Нивната непоколеблива поддршка за членство во ЕУ укажува на заедничка визија за просперитетна, стабилна и обединета Европа. ЕУ ја гледаме не само како институција, туку како заедница на нации што ги одразува нашите сопствени вредности и аспирации. Нашата посветеност на демократските вредности и интеграцијата во ЕУ е доказ за нашата силна желба официјално да се интегрираме во Европската унија и да придонесеме за колективната иднина на Европа“,
истакнува Маричиќ во интервјуто.
Коментирајќи ги односите со Грција, пет години по потпишувањето на Договорот од Преспа, вицепремиерот вели дека двете земји се во фаза која се карактеризира со пријателство, доверба и заедничка посветеност на заеднички напредок.
„Сега, двете земји вредно работат за Северна Македонија да се интегрира во ЕУ. Грција беше поддржувачки сојузник, нагласувајќи ја важноста на обединет Западен Балкан. Во суштина, пет години по Договорот од Преспа, Северна Македонија и Грција се во фаза на меѓусебно почитување, соработка и оптимизам. Се докажува дека мирните решенија можат да доведат до посветла, заедничка иднина за сите“,
подвлекува вицепремиерот Маричиќ во интервјуто за грчкиот информативен портал, пренесува МИА.
