На отворањето на Саемот за медицина, стоматологија и фармација – „Health Innovation Expo 2025“, министерот рече и оти целта на властите е лекарите да имаат целосен и моментален пристап до здравствената историја на секој пациент, додека пак пациентите да добијат поголема контрола и сигурност во своите податоци
Дигитализацијата е темел за создавање на здравствен систем кој учи, анализира и реагира навремено, но и систем што не чека да се појави проблем, туку ги предвидува и спречува – рече министерот за здравство Азир Алиу на отворањето на Саемот за медицина, стоматологија и фармација – „Health Innovation Expo 2025“. Тој кажа дека настани од ваков тип значат многу повеќе од обична средба помеѓу професионалци и институции и оти тие означуваат концепт во кој податоците ќе се движат заедно со пациентот, а не обратно.

„Нашата цел е лекарите да имаат целосен и моментален пристап до здравствената историја на секој пациент, додека пациентите ќе располагаат со поголема контрола, увид и сигурност во сопствените здравствени податоци“,
рече Алиу.
Тој кажа и дека на дигитализацијата не треба да се гледа како услуга, туку како основа која овозможува еднаков и достоинствен пристап до здравствена заштита за сите граѓани, без разлика каде се наоѓаат.
„Новите технологии не се грижат само за пациентите, туку и за здравствените работници. Тие овозможуваат телемедицина, консултативни услуги и следење на хронично болни пациенти во реално време преку дигитална инфраструктура. Така, здравството станува присутно во секој дом“,
изјави министерот.
Дополнително, Алиу кажа дека примената на дигитални протоколи, вештачка интелигенција и алгоритми поврзани со здравствениот систем ќе овозможи рано откривање на здравствени ризици и побрзо реагирање.
„Со дигитализацијата ќе постигнеме помалку чекање во ординациите, помалку непотребни хоспитализации и повеќе грижа и достоинство за пациентите. Нашата цел е дигитална трансформација на здравството што ќе донесе стандардизација, дисциплина и професионализам, како и обврска сите да работиме чесно и навремено во интерес на граѓаните“,
заклучи тој.
