Џамбруно е водител на информативна програма емитувана од „Медијасет“, дел од медиумската група МФЕ, во сопственост на наследниците на починатиот Силвио Берлускони, поранешен премиер и сојузник на премиерката Мелони
Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска соопшти дека се разделила со својот партнер, телевизискиот новинар Андреа Џамбруно, кој беше критикуван во последните неколку недели поради сексистичките коментари што ги даде во етер.
„Мојата врска со Андреа Џамбруно, која траеше речиси 10 години, завршува тука. Нашите патишта се разделија веќе подолг период и време е да го признаеме тоа“,
напиша Мелони на Фејсбук.
Двојката има седумгодишна ќерка.
Џамбруно е водител на информативна програма емитувана од „Медијасет“, дел од медиумската група МФЕ, во сопственост на наследниците на починатиот Силвио Берлускони, поранешен премиер и сојузник на премиерката Мелони.
Во текот на летото тој предизвика бура во италијанската јавност со изјава во која сугерираше дека жените можат да избегнат силување доколку останат трезни.
„Ако одите да танцувате, имате целосно право да се опиете, но ако избегнете опивање и онесвестување, можеби ќе избегнете проблеми“,
рече тогаш Џамбруно.
