„Рускиот народ ја заслужува вистината, ги заслужувате фактите“, рече Џонсон на руски јазик на почетокот на краткото видео објавено на неговиот твитер-профил обраќајќи му се на рускиот народ

Британскиот премиер Борис Џонсон синоќа се обрати на руски јазик во видеопораката насочена до Русите во која изјави оти граѓаните на таа земја заслужуваат да ја знаат вистината за злосторствата извршени во Украина од почетокот на руската инвазија.
„Рускиот народ ја заслужува вистината, ги заслужувате фактите“,
рече Џонсон обраќајќи се на руски јазик на почетокот на краткото видео објавено на неговиот твитер-профил.
Prime Minister @BorisJohnson to the Russian people: You deserve the truth. You deserve the facts.
— UK Prime Minister (@10DowningStreet) April 5, 2022
⚠️ Warning: This content has scenes some may find distressing. pic.twitter.com/3WvBcjFCTO
Британскиот премиер, кој потоа своето обраќање го продолжи на англиски јазик, рече оти извештаите од Украина за злосторствата што ѝ се припишуваат на руската армија во Буча, Ирпин и на други места во Украина го преплашиле светот.
„Тие снимки и фотографии се толку шокантни и страшни што не е ни чудо што вашата влада се обидува да ги сокрие од вас. Вашиот претседател (Владимир Путин) знае оти вие не би ја поддржале оваа војна кога би можеле да видите што се случува“,
рече во своето обраќање Џонсон.
Тој рече оти рускиот претседател е обвинет за воени злосторства и додаде дека не му се верува оти дејствува во име на рускиот народ.
Руската армија негира каква било одговорност за злосторствата извршени во Украина за кои е обвинета од Западот, а руските власти сметаат дека обвинувањата се изрежирани со цел да се загрозат тековните руско-украински преговори.
Фотографиите и снимките на кои се прикажани трупови во цивилна облека и масовни гробници во Буча по повлекувањето на руските сили предизвикаа широка осуда, а на 5 април западните земји воведоа нови санкции против Русија.