Од амбасадата на Велика Британија во Скопје информираат дека неговата мисија е со цел зајакнување на регионалната стабилност. Претставникот на Џонсон бил началник на ГШ на Обединетото Кралство, а во почетокот на годинава се повлекол од функцијата претседавач со Воениот комитет на НАТО
Британскиот премиер Борис Џонсон го назначил сер Стујарт Пич за специјален претставник за Западен Балкан. Како што соопштуваат од Амбасадата на Велика Британија во Скопје, овој чин е дел од континуираната посветеност на Обединетото Кралство на стабилноста и просперитетот во регионот.
Како што се посочува, Стјуарт Пич ја презема оваа улога откако во почетокот на оваа година се повлече од претседавач со Воениот комитет на НАТО – функција што ја извршуваше од 2018 година. Претходно бил началник на Генералштабот на Обединетото Кралство.
И од Британската амбасада посочуваат дека, како специјален претставник на премиерот, тој ќе работи со лидерите од Западен Балкан и други претставници од регионот, како и со сојузниците од САД и Европа, во поддршка и зајакнување на регионалната стабилност.
Неговата работа, исто така, ќе вклучува промовирање на силни демократски институции и отворени општества, помагање во справувањето со сериозниот и организиран криминал и други заеднички безбедносни предизвици, како и поддршка во решавањето на наследените прашања, како што се воените злосторства и исчезнатите лица. Обединетото Кралство, исто така, ќе продолжи да ја предводи работата во врска со унапредувањето на родовата еднаквост и спроведувањето на иницијативата за спречување на сексуалното насилство во конфликтите.
Во Босна и Херцеговина (БиХ) ангажманот на Пич ќе биде поддршка на ангажманот на меѓународниот висок претставник, Кристијан Шмит, кој продолжува да ја има целосната поддршка од Обединетото Кралство. Во Србија и Косово ќе работи во поддршка на дијалогот помеѓу Србија и Косово, потпомогнат од ЕУ. Во негова надлежност се и другите земји од регионот на Западен Балкан – Албанија, Црна Гора и Северна Македонија.

Како што вели британскиот премиер Џонсон, Обединетото Кралство е длабоко посветено на европската безбедност.
„Западниот Балкан ја доживува најголемата закана по неговата стабилност и безбедност во повеќе од две децении. Имаме одговорност да направиме сè што можеме за да ги зачуваме придобивките постигнати преку мир и дијалог – не можеме да дозволиме враќање кон насилството и поделбите од минатото. Големото искуство и експертиза на Сер Стјуарт ќе ги зајакне меѓународните напори за заштита на мирот и промовирањето на евроатланската интеграција во овој клучен регион,“
вели Џонсон.
Според министерката за надворешни работи на Велика Британија, Лиз Трас, назначувањето на сер Стјуарт е јасен доказ за посветеноста на Обединетото Кралство на Западен Балкан, како и на одбраната и промовирањето на слободата и демократијата во регионот.
„Со нетрпение очекувам да ги продлабочиме нашите економски и безбедносни врски со Западен Балкан и да работиме заедно во одвраќањето на малигните актери. Сер Стјуарт ќе игра клучна улога во тој наш ангажман,“
вели шефiцата на дипломатијата.
Амбасадорката на Обединетото Кралство во земјава, Рејчел Галовеј, го поздрави назначувањето на специјален претставник за Западен Балкан.
„Како амбасадор на Обединетото Кралство во Северна Македонија силно го поздравувам назначувањето на сер Стјуарт Пич за специјален претставник на премиерот за Западен Балкан. Во непосредна соработка со британските амбасади во регионот, сер Стјуарт ќе работи со лидерите од Западен Балкан и со нашите сојузници во поддршка и зајакнување на регионалната стабилност. Неговото назначување е силен сигнал на континуираната британска посветеност на зајакнувањето на нашите врски со земјите од Западен Балкан и на безбедноста и просперитетот на овој важен регион. Со нетрпение очекувам да соработувам со него,“
вели Галовеј.
За политичката ситуација на Западен Балкан ќе се разговара на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Рига, а ќе биде и на агендата на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Ливерпул, кој беше најавен претходно во текот на оваа недела.