Училиштата би можеле повторно да почнат со работа на 1 јуни, а угостителските објекти од јули, во зависност од ситуацијата, рече британскиот премиер во обраќањето до јавноста
Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека благодарение на рестриктивните мерки во земјата е спречена катастрофа, каде што најлошото сценарио би било половина милион жртви и најави дека планира укинувањето на карантинските мерки да биде постепено.
„Неделава не е време да се укинат мерките за карантин. Наместо тоа, ќе ги преземеме првите претпазливи чекори за модифицирање на нашите мерки“,
рече Џонсон во синоќешното телевизиско обраќање.
Од денеска оние што не можат да работат од дома ќе можат да одат на работа, а од среда граѓаните ќе можат да поминат неопределено време надвор ако се придржуваат кон мерките за физичко растојание.
„Може да седите на сонце во локален парк, да возите велосипеди, дури и да спортувате, но само со членовите на вашето домаќинство“,
објасни Џонсон.
Училиштата би можеле повторно да почнат со работа на 1 јуни, а угостителските објекти од јули, во зависност од ситуацијата.
Тој додаде дека луѓето што доаѓаат во Британија со авион, ќе бидат испратени во карантин.
Британскиот премиер рече дека, благодарение на напорите и жртвувањата на сите, националниот здравствен систем бил заштитен и спасени се илјадници животи.
„Би било лудост да отфрлиме сè што постигнавме и да дозволиме уште еден удар. Мора да останеме будни. Мора да продолжиме да го контролираме вирусот и да спасиме животи“,
рече Џонсон.
Тој најави нов систем за предупредување на ковид-19 за да се следи вирусот.
Системот ќе има скала од еден до пет, и колку е повисоко нивото, толку мерките ќе бидат построги. Првото ниво ќе значи дека заразата веќе не е присутна во Велика Британија, а петто ниво е најкритично. За време на карантинскиот период, Велика Британија е во четвртото ниво на тревога.
Британија според податоците на „Вордометерс“ има 219 183 заболени со ковид-19 и 31 855 починати, и е една од ретките земји која не објавува податоци за бројот за оздравени. Еден од нив е и британскиот премиер, кој од неодамна се врати на работа.