Недостигот на судии, на судски службеници, финансиската зависност создаваат проблеми, во смисла на кадровски решенија. Ако сакаме ефикасно судство, мора да се вложува во него, мора да се инвестира, да имаме нови вработувања, да се дигитализира судството…“, рече претседателот на најголемиот суд во државата – Основниот кривичен суд Скопје, по отворањето на денешниот настан во организација на Здружението на судии чиј претседател е тој
Судството не може да биде ефикасно и да ја зголеми довербата кај граѓаните доколку во него не се инвестира, преку нови вработувања, дигитализација и други реформи, меѓу кои една од најважните е онаа која ќе обезбеди финансиска независност на оваа власт.

Ова е ставот на претседателот на најголемиот суд во државата – Основниот кривичен суд Скопје и претседател на Здружението на судиите на Република Северна Македонија, Иван Џолев.
Тој денеска беше активен во неговото второ својство, како претседател на Здружението на судиите, кое ја организираше судиската конференција тема „Зајакнување на судската независност и одговорност преку поголема ефикасност на постапките“, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Тој во ова својство говореше и на настанот и во изјавата за медиумите по неговото отворање.
„Сите судии се соочуваат со истите ограничувања, од недостаток на човечки ресурси, преку нефункционалност на одредени државни служби, до проблеми со пренатрупаност во притворите. Не можеме да останеме неми сведоци кога овие проблеми директно влијаат на граѓаните и го нарушуваат угледот на судството“,
рече Џолев во своето воведно обраќање на конференцијата.
Во него тој се осврна и на актуелните случувања, спомнувајќи ја и трагедијата во Кочани, при што ја истакна потребата од институционална мобилизација.
„Токму несреќата во Кочани треба да биде аларм, потсетник дека мора да постапуваме поефикасно, особено во предистражните и истражните постапки“,
рече тој.
Како главни пречки за подобрувањето на состојбите во правосудството и тој, како и претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, ги посочи недостатокот на кадар и финансиската зависност.
„Ефикасноста во моментов е проблем, меѓутоа не толку голем. Ефикасноста ја генерираат некои други структури. Недостигот на судии, на судски служби, финансиската зависност создаваат проблеми, во смисла на кадровски решенија. Знаете ние имаме секоја година сè поголем прилив на предмети, а сè помал број на судски службеници и судии. Едно со друго не оди. Ако сакаме ефикасно судство мора да се вложува во истото, мора да се инвестира, да имаме нови вработувања, да се дигитализира судството итн“,
рече Џолев.
Во обраќањето Џолев напомена и дека судиите треба активно да се вклучат во законските измени како дел од реформската агенда за поефикасно судство.
„И претходно кажав дека Здружението на судии се става на располагање по однос на реформите кои се заговараат во правосудниот систем, во смисла да даваме предлози за носење на нови закони коишто ќе придонесат состојбата во судството да се подобри и перцепцијата на граѓаните за судството да биде подобра. Здружението на судии кое брои повеќе од 300 члена е најголем брејнсторм, да кажеме, во овој сектор, така што не треба да биде игнориран, туку напротив треба да бидеме активно вклучени во тие реформи“,
кажа Џолев.
Прашан дали гледа политичка волја за реализација на нивните барања, тој, изјави оти се надева дека почнале да дуваат други ветришта, изразувајќи оптимизам за подобрување на состојбите.
„Па јас се надевам дека почнаа да дуваат други ветришта. Само ќе споменам дека во минатото тие 0,8 отсто загарантирани со закон од буџетот на Северна Македонија што треба да се одвојуваат за судството досега никогаш не беа обезбедени. Стигнавме до некојси 0,38 проценти, како максимален износ којшто од буџетот се одвојуваше за судството. Остатокот секогаш се прераспределелуваше, имаме пренамена во други области, не знам, образование, здравство итн. Мислам дека ќе се сменат работите дека и тие средства во иднина ќе се обезбедуваат за судството и на тој начин ќе се подобрат некои состојби за коишто сега зборуваме“,
рече претседателот на Здружениот на судиите на РСМ.