Американски потпретседател потврди дека Вашингтон е ангажиран за закажување на разговори меѓу Путин, Зеленски и Трамп, но и дека не смета дека би било продуктивно Путин да се сретне со Зеленски пред да разговара со Трамп
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека е малку веројатно дека можното решение меѓу Русија и Украина ќе ја задоволи која било од страните.
„Целта на САД е постигнување на договор што двете земји ќе можат да го прифатат. Тоа нема да направи страните да се чувствуваат особено среќни. И Русите и Украинците, најверојатно, на крајот на денот, ќе бидат незадоволни од него“,
рече Венс со интервјуто за мрежата Фокс.
Тој потврди дека САД работат на закажување на разговори меѓу Путин, Зеленски и Трамп, но истовремено кажа и дека не смета дека би било продуктивно Путин да се сретне со Зеленски пред да разговара со Трамп.

„Сега сме во фаза кога се обидуваме, искрено кажано, да усогласиме распоред и слични работи, за да видиме кога овие тројца лидери би можеле да седнат и да разговараат за крај на конфликтот,“
изјави Венс.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави средба со рускиот претседател Владимир Путин на 15 август на Алјаска на која ќе се бараат начини за ставање крај на војната во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека Украина не може да го прекрши својот устав кога станува збор за територијални прашања.
„Украинците нема да ја подаруваат својата земја на окупаторите“,
изјави Зеленски.