Тој додаде дека Иран мора да покаже флексибилност и да ги прифати клучните барања – контрола на САД врз збогатениот ураниум на Иран и механизам за надзор за да се осигури дека Иран нема да развива нуклеарно оружје

Потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, ја обвини иранската влада за економски тероризам поради блокирање на сообраќајот низ Ормускиот Теснец.
Според Венс, претседателот Доналд Трамп со блокирањето на Ормускиот Теснец покажал дека и другата страна може да ја игра таа игра.
Тој вели дека ако Иранците се вклучат во економски тероризам, САД ќе се придржуваат до принципот ниту еден ирански брод да не може да излегува од теснецот.
Венс, исто така, се осврна на преговорите со Иран за време на викендот, велејќи дека е постигнат значителен напредок.
„Топката сега е во дворот на Иран“,
рече тој во разговор за Фокс њуз.
Тој додаде дека Иран мора да покаже флексибилност и да ги прифати клучните барања – контрола на САД врз збогатениот ураниум на Иран и механизам за надзор за да се осигури дека Иран нема да развива нуклеарно оружје.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера најави дека САД ќе почнат да го блокираат Ормускиот Теснец во обид да ја преземат контролата врз стратегискиот воден пат од Иран по неуспешните мировни преговори што викендот се одржаа меѓу земјите во Пакистан.
На средбата, и покрај маратонските преговори, САД и Иран не успеаја да постигнат договор за завршување на конфликтот и за отворените прашања меѓу двете земји.
Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс по средбата рече дека од преговорите со иранските претставници во Исламабад носи добра и лоша вест.
Венс рече дека САД ја дале својата конечна и најдобра понуда, а Иранците одбиле да ги прифатат американските услови за договор, за кои рече дека биле доста флексибилни. Додаде дека по повеќечасовни преговори, Иран не се откажал од својата нуклеарна програма, што беше едно од клучните прашања во разговорите.
