Бугарскиот европратеник обвини дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ не разбира оти во интерес на македонските граѓани е земјава да се придржува до меѓународните договори и услови, а Европа, додава тој, не може да си дозволи да прифати, па дури и да преговара со земја која одбива да игра според правилата
Непочитуван Мицкоски и вие патетични југоносталгичари од Скопје, мора да разберете дека вие сте најлошото нешто што ѝ се случило на Македонија. Ова е дел од фејсбук-објавата на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој е познат по националистичката и навредлива реторика кон С Македонија и македонскиот народ во историски, но и во актуелен политички контекст.
Џамбаски ова го напиша коментирајќи ја позицијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски во врска со спроведувањето на уставните измени, односно предлогот за нивно имплементирање откако земјава ќе ги заврши преговорите за членство и ќе стане дел од Европската Унија.
Европратеникот обвини дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ не разбира оти во интерес на македонските граѓани е земјава да се придржува до меѓународните договори и услови, а Европа, додава тој, не може да си дозволи да прифати, па дури и да преговара со земја која одбива да игра според правилата.
„Не е ЕУ таа која треба да го земе предвид српско-болшевичкиот конфликт во Скопје, напротив. Има јасни критериуми, а Северна Македонија не ги исполнува. Исто како што не го исполнува Договорот за добрососедство, пријателство и соработка“,
вели бугарскиот европратеник во објавата на Фејсбук.
ВМРО-ДПМНЕ, Левица и нивните, како што вели Џамбаски, „здружени антибугарски партии“, отсекогаш биле антиевропски, а проблемот лежи во нивната омраза кон Бугарија.
„Омразата на која почива т.н. ‘идентитет’. Кулата на лаги и измами се распаѓа затоа што вистината е на наша страна. А тоа е дека Македонија е бугарска“,
додава бугарскиот европратеник во објавата на Фејсбук.
Реакцијата на бугарскиот европратеник следува откако по лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски на 7 јуни, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски предложи уставните измени со кои Бугарите и други народи треба да се внесат во Преамбулата на Уставот, да се спроведат со одложено дејство, односно да стапат во сила тогаш кога за Македонија ќе биде донесена одлука да стане членка во Европската Унија.