Собранискиот спикер ова го кажа откако во интервјуто за ТВ Телма беше прашан за фамозното уесбе со наводни материјали за измените на Кривичниот законик за кое ВМРО-ДПМНЕ тврди дека експремиерот Никола Груевски го доставил до него, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и до уште едно лице
Фамозното уесбе беше прокоментирано и на интервјуто вечерва го даде и првиот вицепремиер Артан Груби. Во интервјуто за Канал 5, Груби кажа дека ниту Талат Џафери ниту лидерот на ДУИ не добиле никакво уесбе од поранешниот премиер Груевски
Претседателот на Собранието Талат Џафери вечерва во емисијата „Вин-Вин“ на ТВ Телма кажа дека не води евиденција на сите кои го посетуваат неговиот кабинет. Собранискиот спикер ова го кажа откако беше прашан за фамозното уесбе со наводни материјали за измените на Кривичниот законик за кое ВМРО-ДПМНЕ тврди дека експремиерот Никола Груевски го доставил до него, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и до уште едно лице.

Во интервјуто за ТВ Телма, Џафери кажа оти веќе одговорил на ваквите обвинувања од опозицијата и дека нема потреба да се правда или да дава различен одговор од оној што веќе го дал.
„Што очекувате од мене да ви кажам како претседател на Собрание, дека јас водам евиденција кој влегува а кој не влегува. Влегувањето во мојот кабинет не мора да значи физичко влегување, може да значи и злоупотреба, ако одиме по претпоставки. Бидејќи вие одите по претпоставки и јас можам да поставам претпоставка дека некој ме прислушува, ме следи и снима во кабинетот. Ја нема никој таа потреба“,
рече Џафери.
Тој кажа оти Собранието е дом на граѓаните и дека секој добронамерник што има потреба да дојде кај него може да го направи тоа. Повтори дека не води евиденција за тоа кој влегува во неговиот кабинет и оти не е оптеретен дали некој доаѓа „со оваа или онаа намера“.
„Јас немам потреба никому да докажувам нешто, ако некој има такви податоци нека повели, има институции, нека си покрене постапка, ама ќе треба да го докаже тоа. Јас кажав, тоа се небулози“,
рече Џафери.
Фамозното уесбе за кое опозицијата тврди дека било доставено до Џафери, Ахмети и уште едно лице, а кое ги содржи измените на Кривичниот законик, беше прокоментирано и на интервјуто кое вечерва го даде и првиот вицепремиер Артан Груби. Во интервјуто за Канал 5, Груби кажа оти ниту собранискиот претседател ниту лидерот на ДУИ не добиле никакво уесбе од поранешниот премиер Груевски.
„Никакви уесбиња од него (Никола Груевски) не добиле Ахмети и Џафери и измените на Кривичниот законик не се по негов диктат. Ако се по негов диктат веќе се донесени и стапени на сила и зошто не доаѓа во земјава. Новите законски измени нема да го спасат од затвор зашто против него се водеа повеќе постапки“,
рече првиот вицепремиер Артан Груби во интервјуто за Канал 5.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, неодамна во интервју за „360 степени“ сподели материјали за кои тврди дека се дел од тајна комуникација меѓу поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Собранието, Талат Џафери, и уште едно лице. Притоа, Николоски покажа уесбе, за кое тврди дека е она што го спомнуваше лидерот на неговата партија, Христијан Мицкоски, а со „360 степени“ сподели и три испечатени страници А4-формат за кои вели дека се содржината од уесбето.
