Претседателот на македонскиот парламент, на заедничката прес-конференција со косовскиот колега, зборуваше и за рефлексиите од ситуацијата во Украина
Ние носителите на соодветни функции треба да бидеме будни од превентивен аспект, повикувајќи се на горките искуства од последните три децении, од распаѓањето на поранешна Југославија и од целата ситуација што произлезе, која беше и е актуелна во регионот, изјави во Приштина претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, во врска со негативните рефлексии од ситуацијата со Украина.
„Нашиот регион е чувствителен, ранлив и под влијание на надворешни фактори и затоа треба да бидеме внимателни и оваа соработка е координирање за сите можни негативни ефекти што би можело да ги има во регионот. Несомнено дека ги согледуваме овие прашања, меѓутоа не мислам дека има нешто конкретно. Како и да е, за секаква ситуација, институциите треба да бидат во состојба на готовност, да ја следат ситуација во регионот и пошироко“,
рече Џафери одговарајќи на новинарско прашање, на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин – претседателот на косовскиот парламент, Глаук Коњуфца.
Прашан за позицијата на Србија во однос на руската агресија, Џафери рече дека нема потреба од посебен коментар.
„Позицијата сами си ја адресирале со тоа што гласале позиција за приклучување кон ОН со санкции кон Руската Федерација, а во билатерален контекст адресирале дека тие не се подготвени да спроведат казнени мерки, било да се економски или други, така што тие самите си се позиционирале и тоа го именувале и нема потреба да се коментира“,
вели Џафери.
Тој го повтори ставот за поддршка на разговорите Приштина – Белград, кој, вели, треба да финализира со заемно признавање.
„Не може да има договор без билатерална согласност на двете страни што се во разговорите. Несомнено е дека определбата за заемно прифатливи разговори подразбира и финален акт на заемно признавање“,
рече Џафери.
Претседателот на косовскиот парламент изрази задоволство што двете земји споделуваат исти ставови во однос на украинската криза.
„Среќни сме што во истата рамка дејствуваме заедно со Северна Македонија во однос на санкциите што ЕУ и НАТО и најсилните демократски држави, на чело со најсилната светска демократија САД, ги прават на Руската Федерација. Значи, и Косово и Северна Македонија се на истата линија на прозападна, продемократска и проатлантска ориентација, во рамки на санкциите што ги обединуваат демократиите во светот, со цел да се конфронтира оваа агресија, руска агресија, врз еден невин народ и врз сувереноста на една земја членка на ОН“,
рече Коњувца.
Тој рече дека членството на Северна Македонија во НАТО уште еднаш го става на виделина значењето, со оглед на ситуацијата која се создаде со војната во Украина.
„Сите скептици во однос на членството во НАТО и на Црна Гора и на Албанија денес мислам дека подобро сфаќаат колку тоа било значајно, и за Северна Македонија и колку е значајно и Косово што побрзо да се приклучи на ова семејство и на евроатлантскиот чадор на безбедност“,
рече Коњувца.