Во однос на регионалната соработка, техничкиот премиер кажа дека земјава начелно ги поддржува поставените темели во новиот акциски план за заедничкиот регионален пазар, но дополнително наведе дека поради тоа што државата е во период на избор на нова влада, деталните активности за кои се надлежни ресорните институции допрва треба да бидат етабилирани и развиени
За да успее новиот акциски план за заеднички регионален пазар потребно е да се одблокира работењето на ЦЕФТА (Централноевропскиот договор за слободна трговија), рече денеска техничкиот премиер Талат Џафери во Котор, додавајќи дека е дојден ред Северна Македонија да има свој претставник на највисоко ниво.

Џафери денеска имаше обраќање на Регионалниот самит на лидери во црногорскиот град Котор, под мотото „Еден регион, заедничка визија“.
Говорејќи на првиот панел, насловен, „Состојбата на терен и идните планови – нов план за раст“, техничкиот премиер на С Македонија истакна дека независно од тоа што Северна Македонија се наоѓаше во предизборен период, за владата, евроинтеграцијата била врвен приоритет и нејзиниот фокус останал на спроведувањето на приоритетните реформи кои се важни за членството на државата во ЕУ.
„Владата која ја предводам останува посветена на остварувањето на европската агенда, која бара спроведување на суштински реформи и усогласување со правото и стандардите на Европската Унија. Дополнително, го поздравувам усвојувањето на Регулативата за Механизмот за реформи и раст, со која се обезбедени дополнителни финансиски средства за поддршка на реформите, а чие користење е поврзано со испорачување резултати. Изминатиов период, и покрај фактот што Северна Македонија беше во изборен период, интензивно работевме на финализирање на нашата Реформска агенда 2024–2027. Последната нацрт-верзија на Реформската агенда, одобрена од Владата, беше споделена со Европската комисија на почетокот на мај“,
рече Џафери.
Во рамките на овој процес, премиерот на техничката влада рече дека изминативе два месеци, Северна Македонија поднесе пред-апликација за членство во Единствената европска платежна област (СЕПА), а Владата објави јавен повик на кој аплицираа повеќе македонски центри за дигитални иновации.
„Ова се мали но значајни чекори кои ја потврдуваат насоката на движење на земјава. Со ист таков ентузијазам и посветеност очекувам да се спроведат најновите патокази кои се однесуваат на забрзаното приклучување кон заедничкиот внатрешен пазар, но и спроведувањето на реформската агенда“,
рече тој.

Во однос на регионалната соработка, техничкиот премиер кажа дека земјава начелно ги поддржува поставените темели во новиот акциски план за заедничкиот регионален пазар, но дополнително наведе дека поради тоа што државата е во период на избор на нова влада, деталните активности за кои се надлежни ресорните институции допрва треба да бидат етабилрани и развиени во периодот што следува.
„Овде, исто така, сакам да го потенцирам и фактот дека за да успее новиот акциски план за заеднички регионален пазар, на кој напорно работат сите, треба да се одблокира работењето на ЦЕФТА и сметам дека дојде ред Северна Македонија да има свој претставник на највисоко ниво“,
рече Џафери.
На крајот од своето обраќање, премиерот на техничката влада, рече оти се надева дека оваа трасирана патека „ќе продолжи за биде водилка и за следната влада на Република Северна Македонија.
Црна Гора денеска е домаќин на лидерите од Западен Балкан и претставници на Европската Унија и САД на самит на кој главна тема на разговор ќе биде планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Домаќин на самитот во Котор е премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
На собирот свое учество најавија и европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеји и помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан.
Стејт департментот соопшти дека О’Брајан и другите учесници во Котор ќе се фокусираат на регионалната економска интеграција и можностите за раст понудени од Планот за раст на Западен Балкан и ќе ја зајакнат силната американска поддршка за патот на Западен Балкан кон членство во ЕУ.

Планот за раст на Западен Балкан, што Европската комисија го усвои во ноември, а ЕУ пред две недели, предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра за земјите од регионот, од кои две милијарди се грантови, а четири милијарди се поволни заеми обезбедени од ЕУ.
Услов за добивање средства е спроведување на реформите, пред сè во делот на почитување на демократските механизми, владеењето на правото и основните права. Планот го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година и предвидува секоја влада од Западен Балкан да добива одредена сума пари на секои шест месеци, во зависност од реформите што ги спровела во тој период.
