Претседателот на Собранието вели дека пратениците се во постојано заседание така што дури и да треба да се гласа во август за утврдување на потребата за уставни измени за нив нема да има никаква пречка

Собранието на Република Северна Македонија во секој момент е подготвено да ја почне постапката за уставни измени, изјави денеска претседателот на парламентот Талат Џафери. Од моментот кога тие ќе бидат доставени до Собранието од предлагачот до моментот на утврдување на потребата за промена на Уставот, потребни се 30 дена. Засега, како што вели, нема најава кога уставните измени би можеле да влезат во собраниска процедура.
„Собранието секако е подготвено во секој момент како ќе постапат овластените предлагачи, надлежните институции ние сме подготвени да постапиме според процедурите и роковите во Деловникот“,
изјави денеска Џафери.
Претседателот на Собранието вели дека пратениците се во постојано заседание така што дури и да треба да се гласа во август за утврдување на потребата за уставни измени, за нив нема да има никаква пречка.
„За Собранието нема никаква пречка ни август, ни јули ни септември“,
рече Џафери.
Од приемот на материјалите до гласањето се потребни 30 дена затоа што максимум десет дена треба да работи Уставната комисија, чиј претседател е Џафери, и со работа треба да заврши осум дена пред денот утврден за гласање.
„На седницата на која ќе биде на дневен ред потребата за уставни измени дебатата трае максимум десет дена“,
објасни Џафери.
На 18 јули Собранието веќе има закажано нова седница, но претседателот на Собранието потенцира дека за уставните измени ќе треба да биде закажана нова седница.
Во однос на наводите дека вицепремиерот Бојан Маричиќ им се јавувал телефонски на пратеници од опозицијата, Џафери вели дека никој не може никого да го спречи да се јави некому, но, сепак, посочува дека влијание е недопустливо, кога се пратеници во прашање.
Откако работната група ја подготви предлог-иницијативата за уставни измени, таа на почетокот на месецов беше испратена до Владата и, како што беше најавено тогаш, ќе биде разгледана на некоја од наредните владини седници. Очекувањата тогаш беа дека уставните измени би можеле да влезат во Собранието во средината на месецов кога и формално ќе почнат да течат роковите за уставни измени.
Откако Владата ќе ја усвои, иницијативата за промена на Уставот потоа ќе биде доставена во парламентот, а за да бидат усвоени потребно е двотретинско мнозинство или најмалку 80 пратеници.
Премиерот Димитар Ковачевски, минатата недела, изрази уверување дека меѓу 120. пратеници во Собранието мнозинството е за европска интеграција на државата и се надева дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на својот став околу уставните измени искажан на лидерската средба од страна на нивниот лидер Христијан Мицкоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, по лидерската средба на 7 јуни, велат дека чекаат одговор од СДСМ да се изјасни која од двете понуди што партискиот лидер Христијан Мицкоски ги изнел на средбата со премиерот Димитар Ковачевски е прифатлива за власта. Оттаму повторуваат дека нивните позиции се јасни, а тоа е дека нема да има Уставни измени по бугарски диктат.
Од владејачкиот СДСМ нагласуваат дека опозицијата треба да предложи претставници во работната група и да продолжи дијалогот за уставни измени.