Тој истакнал дека Северна Македонија како соседна држава има добри и пријателски односи и со Косово и со Србија и дава голема поддршка на напорите на меѓународната заедница за конечно изнаоѓање на заемно прифатливо решение за двете страни
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на денешната средба со специјалниот претставник на Европската Унија задолжен за дијалогот Белград–Приштина, Мирослав Лајчак, изразил задоволство што утрешната средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, ќе се одржи во Охрид.

„За мене, тоа секако претставува симболика која има свое значење и секако, признание за меѓународната позиција на нашата земја,“
нагласил Џафери, соопшти собраниската прес-служба.
Симболиката на која Џафери најверојатно алудира е потпишувањето на Охридскиот договор со кој беше ставен крај на конфликтот во 2001 година.
Тој истакнал дека Северна Македонија како соседна држава има добри и пријателски односи и со Косово и со Србија и дава голема поддршка на напорите на меѓународната заедница за конечно изнаоѓање на заемно прифатливо решение за двете страни.
„Во тој контекст, претседателот Џафери се надоврза на досегашниот успешен меѓународен пат на Република Северна Македонија во рамките на евроатлантските интеграции, пред сѐ, преку примерот на успешно решавање на тешкиот и отворен спор што го имавме со Република Грција и потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка со Република Бугарија“,
се наведува во соопштението.
Говорејќи во тој контекст, собранискиот спикер истакнал дека очекувањата се да се направат уставните измени и конечно да ги отвориме преговорите по поглавја со Европската Унија.
Лајчак, како што се наведува од Собранието, во потполност се согласил со Џафери дека утрешните преговори во Охрид претставуваат убава симболика за една страна која е домаќин на оваа средба и која претставува фактор на стабилноста во регионот со досегашните резултати кои ги покажа на меѓународен план.

Воедно тој нагласил дека станува збор за прва средба во рамките на дијалогот Белград-Приштина која се одржува вон границите на Брисел и од тој аспект ова е признание за нашата земја.
Специјалниот претставник на ЕУ подетално го запознал Џафери со досегашниот тек на преговорите меѓу Србија и Косово, со сите досегашни фази и забелешки во рамките на овие преговори и изразил надеж дека утрешниот ден ќе донесе значително придвижување на процесот за нормализација на односите меѓу двете земји.
Џафери и Лајчак разговарале и за почетокот на преговорите на С Македонија со Европската Унија и изразиле лично уверување дека политичките актери во земјава ќе бидат свесни за моментумот и подготвеноста на ЕУ да ги почнеме преговорите по завршувањето на обврските околу уставните измени.
На крајот на средбата, Џафери му посакал успешна работа на Лајчак на утрешната средба во Охрид.
Утрешната средба на српскиот претседател и премиерот на Косово во Охрид е продолжение на состанокот што двајцата го имаа на 27 февруари во Брисел. Средбата во Брисел заврши без договор, но како што изјави високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, Жозеп Борел, двете страни постигнале согласност околу предлогот на Унијата за нормализација на односите.
Според најавената агенда, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград–Приштина, Мирослав Лајчак, најпрво ќе имаат одвоени средби со Курти и со Вучиќ, а потоа ќе седнат на заедничка средба со нив.
Домаќин на средбата во Охрид ќе биде премиерот Димитар Ковачевски.