Прашан за можната кандидатура на лидерот на ДУИ на претседателските избори, Џафери го повтори истото што на оваа тема вчера во интервју за „360 степени“ го кажа вицепремиерот и министер Артан Груби – оти Ахмети е мисионер, а не претендент за функција
Мислам дека господинот Ахмети нема да прифати да биде кандидат – изјави на денешната прес-конференција техничкиот премиер Талат Џафери прашан околу можната кандидатура на претседателските избори на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Говорејќи во оваа насока, Џафери го повтори истото што на оваа тема вчера во интервју за „360 степени“ го кажа вицепремиерот и министер Артан Груби – оти Ахмети е мисионер, а не претендент за функција.

„Господинот Ахмети има мисија, а не е претендент за функција колку што знам. Мислам дека нема да прифати да биде тоа (кандидат н.з.). Неговата мисија е Европа, Европската Унија и си работи на таа мисија. Не мислам дека му е приоритет натпреварување по однос на носењето на која било функција. Да сакал функција можел да има има која било функција во овие 22 години“,
изјави Џафери одговарајќи на новинарски прашања.
Додаде дека Ахмети нема потреба да докажува кој е и колку вреди после, како што вели, 50-годишниот придонес што го имал за државата и за нејзините граѓани.
Идејата за Али Ахмети да биде кандидат на ДУИ за шеф на државата, како што синоќа во „360 степени“ изјави вицепремиерот и министер Артан Груби, е на ДУИ и на гласачите. Тој негира дека идејата Ахмети да биде претседателски кандидат е лично негова (на Груби, н.з.). Во ДУИ, како што вели, претходно се заговарало Ахмети да биде предложен за прв премиер Албанец, но тој откако дознал за иницијативата, ги пресретнал со свој предлог- Талат Џафери да биде избран за претседател на техничката влада.
Според вицепремиерот, Демократската унија за интеграција сè уште нема одлука кој ќе биде нивниот кандидат за претседател на државата бидејќи прашањето не е дискутирано во партиските органи.